Вардарки ветија и остварија: Скопје останува неосвоива тврдина во ЛШ

Нашите ракометарки пред дуелот со Будуќност ветија дека нема да дозволат никому сезонава да освојуваат бодови во СЦ „Јане Сандански" - и тоа го остварија. Во балканскиот дуел од лигата на шампионите Вардар го победи првакот на Црна Гора со 31-24 (19-8). Ова е деветти триумф по ред сезонава во елитното европско натпреварување за „црвено-црните" најавувајќи дека се во одлична форма на патот до четврт-финалето на ЛШ.

Вардар останува лидер на табелата во група 2 во Главната фаза со максимални 14 бода, и со најдобра гол разлика (+ 45) и најдобар напад во лигата на шампионите (219 гола).

Вообичаената неизвесност што делумно ја имаше на нашите досегашни натпревари во регионалната ВРХЛ лига сега беше присутна само во почетните минути од средбата. Вардар потоа уфрли во „повисока брзина" и лесно ја направивме предност што ни донесе конфорно продолжение на првото полувреме, па и можност во игра да влезат и оние што вообичаено повеќе ја грејат клупата.

Вардарки покажаа голема зрелоста во играта, и одлична игра во одбрана и напад. Будуќност не беше дораснат ривал за она што ние го покажавме на теренот.
„Црвено-црните" имаа процент на реализација поголем од 65 отсто, слично беше и со погодените удари кон голот на Будуќност.

Она што го покажавме во првото полуврем продолжи и во вторите 30 минути. Немаше дилеми околу побендикот, но Вардар играше максимално, со исто темпо без разлика што сѐ беше решено. Имавме двоцифрена предност, и дури и во моментите кога противникот се понадева дека може нешто да смени, ние повторно игравме на високо ниво, ја враќавме разликата со две цифри.

Се обидување гостинскиот тренер со тај аут нешто да смени, да ја поремети нашата серија, но тоа тешко му одеше. Вардар играше како по ноти, а гледачите во салата уживаа во мајсториите на нашите ракометарки.

Во следното коло на 25 февруари Вардар гостува во Франција кај Мец.

Вардар - Будуќност 31-24 (19-8)
ВАРДАР: Лејно (15 одбрани), Суслина, Радичевиќ 3, Кликовац, Саздовска, Кузнецова 4, Бајрамовска, Лазовиќ 1, Пенезиќ 8, Чанаџија 3, Лакрабер 2, Хмирова 1, Цвијиќ 4, Лекиќ 2, Петровиќ 2, Ристовска 1.

 

сабота, 10 февруари 2018 - 16:31