Вардарки со убедлив гостински триумф во Норвешка

Европскиот вицепрвак Вардар покажува дека и во новата сезона ќе биде сериозен ривал за освојување на титулата. Во меч од 3. коло на групната фаза од лигата на шампионите нашите девојки триумфираа кај Ларвик со 31-19. Ова е трет триумф за „црвено-црните" втор на гостински терен во новата сезона.

Требаше да чекаме до 22 минута за конечно Вардар да проработи како што очекуваме. Откако последен пат беше 9-9 следуваше наша серија од 7-0 со која на полувреме направивме предност од 16-9 со која најавивме дека бодовите ќе ги освоиме ние. Во тој период Сара Ристовска имаше четири голови одлично заменувајќи ја Јованка Радичевиќ.

На самиот почеток домашните ракометарки водеа со 5-2, а на тоа Вардар одговори со серија од 5-0 за наше водство од 7-5. Во следниот период Ларвик повторно се врати во игра, ние имавме доста не реализирани напади. И така беше сѐ до таа 22. минута, кога тргна нашиот воз. Покрај добрите контри, одбраната изгледаше доста добро, а Ина Суслина придонесе со двоцифрен број на одбрани во триумфот на „црвено-црните".

Високата предност од првото полувреме потоа им донесе на ракометарките можност да играат посмирено, и да се обиде да стигне и до двоцифрена предност. Тоа дојде во 51 минута кога првпат имавме водство 26-16. Потоа имавме и „плус 13", и во игра влегоа сите што беа на клупата, па рутински ги освоивме двата бода.

Во следното коло Вардар е домаќин на Ларвик

Ларвик - ВАРДАР 19-31 (9-16)
ВАРДАР: Суслина (15 одбрани, 2 седмерци), Лејно, Радичевиќ 2, Кликовац, Саздовска, Кузњецова 4, Лазовиќ 3, Пенезиќ 6, Керамичиева 1, Чанаџија, Лакрабер 1, Хмирова, Цвијиќ 2, Лекиќ 5, Петровиќ 1, Ристовска 6.

* Фото галерија од натпреварот

 

сабота, 21 октомври 2017 - 18:59