Вардарки со триумфална „петка“ се враќаат од Русија

На првото гостување сезонава во лигата на шампионките, нашите ракометарки ги освоија бодовите кај Астраханочка, победувајќи го рускиот првак со 31-26 и со една нога се веќе во следната фаза.

Фото: Димитри Марочкин

Вардар ја прослави 31. победа во ЛШ, и ја оправда улогата на фаворит на гостувањето во Русија. Иако на моменти игравме доста променливо, со падови особено во нападот каде на некои ракометарки тешко им одеше реализацијата, на крајот ги освоивме бодовите што секако беа приоритет.
Одлично го отворивме натпреварот со водство од 4-0, а потоа и 6-2. Тоа беше добра најава за целта по која сме дојдени во Астрахан. И како да се опуштивме во играта очекувајќи дека ќе продолжи нашата добра игра, и послаба одбрана на ривалот. Астраханочка тоа гоискористи и израмни на 6-6. Продолжи нашата доминација изразена со водство од 1-2 гола, а во последната секунда пред заминување на полувреме Постнова со гол намали на 13-14.

Во второто полувреме продолживме слично како и на почетокот на натпреварот. Имавме водство од „плус 3", 17-14 и 19-16, за потоа повторно по подолга пауза да направиме предност од четири голови, 20-16. И повторно следуваше период на наша слаба игра во која домаќинките намалија на 20-21.
Кога во 48 минута Андреа Пенезиќ постигна гол за водство 25-20, и конечно ја минавме границата од четири гола предност колку што дотогаш неколкупати имавме, беше најава за наш триумф на гостински терен. Русинките намалија на 25-22, а потоа и на 26-28 надевајќи се на можна неизвесна завршница.
Но, вардарки веќе несакаа да ја доведуваат во прашање победата, па повторно одиграа добро, а Сања Дамњановиќ и Тамара Мавсар од пенал повторно зголемија на „плус 4", за водство 30-26. Имаше уште нецели три минути до крај на средбата, и двете екипи не реализираа по два напади, а времето минуваше, што нам ни одеше во прилог. Во последните 30 секунди од мечот Андреа Пенезиќ го постигна својот 10 гол на натпреварот за конечен резултат 31-26.

* Фото галерија од натпреварот

Во следното коло, на 5 ноември во Скопје гостува Астраханочка, и на тој меч би можеле да го потврдиме нашиот пласман во Главната фаза од ЛШ.

Неизвесно е само дали ќе можеме да сметаме на Барбара Лазовиќ која при резултат 23-20 за нас, во еден судар на средината од теренот со две противнички ракометарки доби удар по окото, и до крајот на средбата не влезе, туку лекарскиот тим мораше да интервенира. По мечот замина во болница каде требаше да и биде зашиена расекотината на капакот на окото.

Астраханочка - Вардар 26-31 (13-14)
Астраханочка: Сисенова 2, Постнова 4, Сорокина, Иванова, Сабирова 8, Левша 1, Видрина, Ваганова, Чаплугина 2, Чигирова 5, Трусова 1, Шичкина 3, Игнатович, Зеленова, Кожокар, Јемеланенка.

ВАРДАР: Радичевиќ 3, Кликовац, Херем 1, Мавсар 6, Дамњановиќ 4, Лејно, ЛАзовиќ 4, Алтхаус 2, Илина, Пенезиќ 10, Човиќ 1, Лакрабер, Хмирова, Песоа, Ристовска.

 

сабота, 29 октомври 2016 - 17:03