Вардарки со триумф против Ларвик и теоретски во Главната фаза на ЛШ

На две кола до крај на групната фаза во женската лига на шампионите ракометарките на Вардар и теоретски обезбедија место меѓу 12-те најдобри во Европа. Во рамките од 4. коло од Ц групата Вардар како домаќин го победи Ларвик со 30-27. Амандин Лејно мечот го заврши со 20 одбрани и беше централна фигура на натпреварот.

За вардарки ова е 45 победа во лигата на шампионите, четврта сезонава и четврта во меѓусебните шест натпревари. „Црвено-црните" остануваат лидери во групата со максимални осум бодови. Мораа добро да се намачат вардарки да победат, бидејќи Ларвик играше опуштено и лесно, а ние со повеќе грешки отколку што сме навикнати. Бевме фаворити пред почетокот, на крајот тоа го покажавме, и победивме.

До крај на групната фаза ни остануваат уште натпреварите со ФТЦ Будимпешта на гости и со Турингер на домашен терен. Потоа ќе вкрстиме со трите екипи од Д групата каде ќе одиграме уште шест нови натпревари, а ќе ги пренесеме освоените бодови од нашата група со оние ривали што ќе продолжат во Главната рунда.

* Фото галерија од натпреварот

Вардар како фаворити го почна натпреварот, но имаше проблеми во текот на првите 30 минути. Не успеавме да се одлепиме резултатски, па и кога водевме со два гола предност тоа беше најмногу што постигнавме. Амандин Лејно беше одлична во овој дел од натпреварот со 11 одбрани. Нападот не делуваше како што знаеме и сме навикнати да ги гледаме вардарки. Доста топки завршија во рацете на противничкиот голман, во дел од акциите направивме технички грешки, и токму поради тоа Норвежанките знаеја сѐ да казнат.
Имавме период од седум минути без постигнат гол, и од наше водство 8-6 гостинките постигнаа серија од 4-0 за водство 8-10 во 27 минута. Ларвик секогаш кога имаше шанса за брза игра, полуконтра и контра знаеше да реализира, и тоа најмногу на нашите нереализирани акции.

* Изјави од прес-конференцијата по натпреварот

Во второто полувреме ја презедовме иницијативата и водствот, и постојано имавме предност. Сега Ларвик се обидуваше да фати приклучок, а ние во еден момент имавме и „плус 4'. Но, Ларвик не се предаваше и тоа и донесе намалување на водството, до „минус 1“ пред самиот крај. Но, Вардар веќе беше воигран и немаше проблеми да се победи.

сабота, 4 ноември 2017 - 18:34