Вардарки со победа се враќаат од Данска и се на чекор до Ф4 во Будимпешта

Со петтата победа во меѓусебните натпревари против Митјиланд, ракометарките на Вардар направија голем и очекуван чекор до пласман на Ф4 турнирот во Будимпешта, откако „црвено-црните" триумфираа во Данска со 28-26 (18-12). Реваншот се игра следниот викенд во Скопје.

Во комплетен состав скопјанки отпатуваа за Данска, а во тимот по подолго отсуство се врати и Андреа Човиќ. За Данска отпатува и Андреа Лекиќ, иако немаше потреба воопшто да влегува во игра во првото полувреме. Нејзините колешки ја завршија гостинската задача. Таа играше во вториот дел кога на Вардар не му одеше и нашите ракометарки имаа лош период.

Поради приватни семејни причини во Скопје мораше да остане тренерот Ирина Дибирова. Но, нејзините „замени" Едуард Кокшаров и Аце Станковски одлично ја завршија работата. Уште во првото полувреме покажаа дека имаат добро поставена тактика за играње, и за одбрана.
По почетните „неизвесни минути" во кои двете екипи играа „гол за гол" Вардар прв направи резултатска предност од 7-4. Митјиланд намали двапати на „минус 1" на 6-7 и 7-8. Потоа следуваше наше „бегство" на 14-9 во 21 минута. Амандин Лејно имаше шест одбрани само во првото полувреме, а Митјиланд дури во последните 10 минути успеа да се одбрани и нивната голманка Сабине Енглер да одбрани еден пенал.

Александра Лакрабер се снајде на позицијата среден бек, а Барбара Лазовиќ можеби беше џокерот на кој Данките не беа подготвени. Неколку проектили на Лазовиќ завршија во мрежата, а меѓу оние што во првото полувреме „лесно" реализираа беа и Пенезиќ, Радичевиќ и Лакрабер.

Вардарки одиграа одлично, особено во последните десет минути од првото полувреме кога првпат направивме разлика од седум гола, 18-11. На полувреме заминавме со предност од 18-12, и голема мотивација успешно да се заврши првиот дел од работата.

* фото-галерија од натпреварот

Одличното прво полувреме не успеавме да го повториме, и имавме сериозен пад во играта во вториот дел. Домашните ракометарки полека ја намалуваа предноста, и во 54 минута намалија на „минус 1" за водство на Вардар од само 26-25. Андреа Лекиќ ја прекина серијата од осум минути без гол, постигнувајќи водство 27-25. Лакрабер го постигна голот за наше водство 28-26 во 58 минута, и до крајот двете екипи имаа свои шанси за реализација.

Во екипата на Вардар најдобар стрелец беше Андреа Пенезиќ со 7 гола, Александра Лакрабер постигна 5, а Барбара Лазовиќ четири голови.

* статистика - statistika_vardar_-_mitjiland_09.04.2017.pdf

 

недела, 9 април 2017 - 18:46