Вардарки победнички, супериорно и рекордерски против Лајпциг

Триумфот во Германија од 45-22 во Б групата од ЛШ, ја покажа силата и моќта на нашиот тим, го освоивме првото место во групата и ќе пренесеме 7 бода во главната фаза, истовремено срушивме неколку досегашни клупски рекорди во лигата на шампионите

Дури и играњето без најдобриот стрелец на Вардар во ЛШ, Андреа Пенезиќ кој има проблеми со зглобот на ногата, и без повредената Ања Алтхаус „црвено-црните" заминаа во Германија со единствена цел - победа. И тоа го остварија, дури и полесно од оечкувањата и полесно од оној прв дуел во Скопје. По вторпат сезонава Вардар постигнува повеќе од 40 голови, и пак против Лајпциг. Во Скопје ние победивме со 41-24.

Македонскиот шампион се пласира во следната фаза од ЛШ, и ќе пренесе вкупно 7 бодови (од можни 8), и следни ривали на Вардар ќе му бидат Будуќност, Мец и Турингер. Почетокот на главната фаза ќе биде кон крајот на јануари 2017 година, а дополнително ќе се утврди распоредот на играње на мечевите.

Вардар го заврши мечот против Лајпциг со успешност на нападот од 64 отсто, и успешност на упатените удари од 80 отсто, што е двојно повеќе од успешноста на домашните ракометарки, и речиси тројно во однос на упатените удари. Тоа ја покажа силата и моќта на нашиот клуб, кој не само што победи, туку и постави повеќе клупски рекорди, и неколку во лигата на шампионите.

Се понадеваа Германките дека можеби Вардар нема да „има свој ден" бидејќи по првите пет минути Лајпциг водеше со 4-2, а во 10 минута домаќинките имаа предност од 5-4. Потоа стигна пресвртот, „стиснавме" во одбрана, прецизно во напад, и Вардар водеше со 6-10 (во 18 минута), но, тоа беше само почетокот бидејќи за две минути веќе беше 8-11, по што следуваше новата доминација, супериорна игра, и пред се одлично во одбрана. Вардар во 27 минута првпат имаше „плус 10", а на одмор замина со 22-9. Веќе беше решено се околу победникот. Лајпциг нема сили да му парира на Вардар, а „црвено-црните" беа решени да одиграат целосно концентрирано и посеветено, без оглед на големата разлика, и во квалитет и во голови.

Во второто полувреме само се зголемуваше разликата, и се полнеше противничката мрежа. Шанса да игра доби и Дијана Илина која постигна и два гола од три обиди, што се нејзини први голови за Вардар во лигата на шампионите.
Во 47. минута првпат Вардар имаше „плус 20" кога водеше со 36-16, и таа разлика остана до крај на мечот со тоа што се зголеми и гол разликата.

Лајпциг - Вардар 22-45 (9-22)

Лајпциг: Мацуко, Еинарсдотир, Крамарчук, Убингер 4, Ланг, Раимер 5, Курцке, Рот, Штурм 4, Роде 1, Вајсе 5, Телинг 3.

ВАРДАР: Радичевиќ 5, Кликовац, Херем 4, Мавсар 2, Дамњановиќ 3, Лејно, Лазовиќ 4, Илина 2, Човиќ 4, Лакрабер 10, Хмирова 2, Лекиќ 4, Песоа, Ристовска 4.

 

сабота, 19 ноември 2016 - 17:10