Вардарки по вторпат на пиедесталот на Ф4

Откако победија во малото финале, со 28-26 против Динамо, ракометарките на Вардар по вторпат се искачија на победничкиот пиедестал на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите, освојувајќи го третото место и бронзениот медал. Истиот успех го постигнаа и лани, со што е втор тим кому ова му успеало, заедно со Будуќност.

Двете екипи кои во полуфиналето не успеаја, сега имаа само една ноќ за средување на мислите, нова анализа на ривалот и правење на победничка тактика. За Вардар и Динамо, ова беше трета меѓусебен дуел сезона, а прв на неутрален терен. Видливо беше дека полуфиналето оставило трага, па затоа и грешките што се правеа беа повеќе од вообичаено.

Максимално изедначено се играше во целиот натпревар, за што најдобро говори и бројката од дури 11 изедначувања во првиот дел од играта, кој заврши со минимална предност на вардарки со 16-15. Македонскиот претставник ја имаше иницијативата, но не успеа да создаде поопиплива предност, со која ќе се најдеше поблиску до победата. Избраничките на Индира Кастратовиќ први дојдоа до плус два на средбата откако со три голови во низа дојдоа до водство со 6-4. Црвено-црните до одморот уште во неколку наврати имаа позитива од два погодока, но противникот не се предаваше па многу брзо се враќаше во игра.

Во продолжението, се играше гол за гол речиси до последните три минути од средбата, кога Вардар по подолга пауза повторно дојде до плус два (27-25). Следуваше исклучување за Кликовац, но тогаш проработе добрата одбрана на македонскиот шампион, кој го издржа последниот налет на противникот од Волгоград и во следниот напад во кој Пенезиќ стави крај на неизвесноста со погодокот за 28-25 во последната минута од мечот.

Вардар – Динамо 28-26 (16-15)

Вардар: Лејно (5 одбрани), Суслина (5 одбрани), Радичевиќ 4, Гакидова, Николиќ 2, Лазовиќ Варлец, Дембеле 2, Фернандез, Сокач 3, Алтхаус 1, Кликовац 1, Пенезиќ 9, Черноиваненко 2, Ихнева, Лекиќ 3.

Динамо: Седојкина, Уткина, Чернова, Беликова, Кочетова 7, Фролова 1, Гаче 3, Фанина 2, Акопјан 4, Дмитрова 4, Даншина 2, Петрова, Ведехина, Чопикјан, Пече, Ел Гау.

недела, 10 мај 2015 - 17:25