Вардарки остануваат лидери во групата ама ја прекинаа победничката серија во ЛШ

И по 4. коло во главната фаза од лигата на шампионките, Вардар останува лидер во А групата, но ја прекина победничката серија што ја имаше сезонава. Гостинките од Црна Гора, ракометарките на Будуќност во СЦ „Јане Сандански" се радуваа на победата 31-28 (17-16).

До овој меч Вардар имаше серија од 8 победи по ред во ЛШ, и на 10 натпревари немаше загубено натпревар. Будуќност е првиот тим што успева по 7 мај 2016 година да го победи Вардар. Тогаш во полуфиналето на Ф4 турнирот во Будимпешта нашите девојки загубија од идниот европски првак ЧСМ Букурешт.

Вардар останува на првото место во групата со 13 бода, исто колку и ФТЦ Будимпешта, но ние имаме подобар меѓусебен биланс. Будуќност е третопласиран со 10 бода. Меѓу нас и ФТЦ Будимпешта ќе се бара победникот во групата, со цел да имаме „полесен ривал" во четврт-финалето, односно четвропласираниот тим од Б групата.

Балканското дерби меѓу Вардар и Будуќност секогаш било неизвесно, со многу тензија, дуели и мотивираност на сите ракометарки. И овојпат беше така. Вардар има серија од три меча по ред во кои го победува Будуќност, и ги освои бодовите на првиот меч во Подгорица на крајот на јануари. Гостинките сакаат да се реваншираат, за да останат во борба за второто место во групата, или во најмала рака да го осигураат барем третото место.

Отворивме добро, поведовме со 3-2, а потоа и со 4-3. Но, тогаш Будуќност ги искористи нашите грешки и нереализирани напади и со серија голови гостинските се одлепија резултатски. Будуќност допатува растоварен од било каков притисок и тоа се гледаше во нивната игра, едноставна без многу комплицирање и со ефикасна завршница. Црногорките уште во 11 минута направија солидна предност од 7-4.
Од самиот почеток се виде дека најголем проблем за нашата одбрана ќе биде Катерина Булатовиќ. Таа беше распосложена за шутирање, и во првото полувреме постигна 10 гола од вкупно 16 на целиот тим на Будуќност. Амандин Лејно успеа да одбрани четири топки, а Ина Суслина и го одбрани пеналот на Кристина Неагу при резултат 7-8, овозможувајќи и на Александра Лакрабер во 18 минута да ја дигне салата на нозе со гол за израмнување, 8-8.
Ние бевме постојано во негатива, и се обидувавме да ја стигнеме разликата. Во 27 минута гостинките првпат се одлепија на „плус 3" за водство 15-12. За три минути вардарки одиграа неколку добри акции, го искористија исклучувањето на Арчук и преку Дамњановиќ, Херем и Лекиќ израмнивме на 16-16. Последните 30 секунди Будуќност имаше напад и успеаја да се изборат за пенал што Булатовиќ го реализираше за гол за водство, 17-16.

Во второто полувреме Будуќност постојано ја имаше резултатската иницијатива и водството. Вардар ја пропушти шансата во периодот кога успеа да се врати во игра, да израмни на 24-24, а потоа иако гостинките постигнаа два гола, нашите ракометарки имаа четири загубени топки во напад, а Суслина двапати добро бранеше. Тоа го искористи Будуќност и избега на „плус 5" за водство 30-25 во 55 минута. Потоа веќе немаше време да се направи пресврт

Во следното коло Вардар гостува кај Мец во Франција.

 

 

недела, 26 февруари 2017 - 19:03