Вардарки очекуваат двојна круна во четири денови

Почнувајќи од денеска па до понеделник Вардар ќе ги одигра и последните натпревари во домашното првенство, разигрувајќи за двојната круна каде е најголем фаворит. Во игра за титулата останува и Вардар СЦЈС, а тие во полуфиналето на Ф4 турнирот ќе се сретнат со Металург.

Сѐ почнува денеска со финалните натпревари во Купот на Македонија. Организатор на трите натпревари, два полуфинални и финалниот е Ракометната федерација на Македонија, а тие ќе се играат во салата во Автокоманда.

Вардар го игра вториот полуфинален натпревар, со Гевгелија во 16,30 часот.
Претходно се среќаваат Металург и Прилеп од 13,30 часот.
Победниците од полуфиналните средби утре, сабота во 12,30 часот во салата во Автокоманда го играат 25. финале од Купот на Македонија.

Влезот во салата во Автокоманда е слободен, на полуфиналните средби и на финалето.

Вардар досега има освоено четири Куп титули во Македонија. Првиот во 1994 година, а последните три во периодот од 2014 до 2016 година. „Црвено-црните" се втор најуспешен тим во Купот во Македонија, зад Кометал Ѓ.Петров чии ракометарки дури 16 пати беа победнички.

Веднаш по завршување на Куп натпреварите, во недела во малата сала во СЦ „Јане Сандански" почнуваат и мечевите за титулата. И тука Вардар е фаворит. Во полуфиналето Вардар игра со Куманово, а во второто полуфинале се среќаваат Вардар СЦЈС и Металург. Финалето се игра во понеделник.

 

петок, 19 мај 2017 - 08:52