Вардарки му ја покажаа на Митјиланд својата сила

Нашите ракометарки донесоа голема неизвесност во Ц групата на лигата на шампионките, и ја покажаа својата сила, откако во Скопје го победија Митјиланд со 33-24 (16-8). Сега Вардар изби на првото место на табелата со 4 бода, исто колку што имаат и Митјиланд и Ѓер.

Во вториот меч пред домашна публика сезонава во лигата на шампионките Вардар победи, и покажа дека неговата форма оди во нагорна линија. Колку што беа радосни нашите девојки за триумфот над данскиот првак, толку има беа полни срцата и поради големата подршка што ја имаа од трибините во СЦ „Јане Сандански", за што им вратија со добра игра и триумф.

Одамна Вардар нема одграно вака тимски, подеднакво квалитетно во напад и одбрана, покажувајќи едно ново лице кое треба и во иднина да го краси нашиот тим. Сигурни во играта, зрели во однесувањето, прецизни во нападите и агресивни во одбраната, се дел од тајните за денешната победа.

Тргнавме одлично во натпреварот знаејќи дека веќе нема „поправен" и секој натпревар и освоен бод е значаен. Поведовме со 6-1, а највисоката предност од 12-8 ја имавме со 15 минута. Тоа беше почетокот на радоста, иако имаше уште многу да се игра. според прикажаното на терен, немаше дилеми дека бодовите ќе останат во Скопје. На полувреме беше 16-8. Ина Суслина беше последната непремостлива пречка за гостите. Она што мина низа рацете на одбраната, беше сопрено со руската интернационалка. Во овој период имаше седум одбрани.

Како што почна мечот, така тргнавме и во вториот дел. Во 36 минута првпат имавме и двоцифрена предност, 22-12. И, нормално е некогаш да се има и лош период во играта. Нам тоа ни се случи во средината на второто полувреме, кога Митјиланд успеа да намали на 28-24 во 51 минута. Но, немаше шанса нешто да се смени. Тргна одново вардаровиот воз, и одбраната беше одлична, а нападот имаше серија од 4-0 за конечна победа од 33-24.

Со овој меч заврши првиот круг. Во следното коло, Вардар гостува во Данска кај Митјиланд.

Вардар - Митјиланд 33-24 (16-8)
Вардар: Суслина, Лејно, Радичевиќ 6, Кликовац 1, Дамњановиќ 2, Лазовиќ 2, Дембеле 1, Сокач 1, Алтхаус 1, Пенезиќ 10, Черноиваненко, Човиќ, Ихнева 2, Хмирова 2, Лекиќ 5, Ристовска.

Митјиланд: Јоргенсен 4, Јакобсен 1, Кристиансен 4, Енглерт 1, Торсгард 2, Педерсен, Волер, Алм 3, Аугустесе 2, Јенсен 5, Бугард 5, Војчиќ.

 

недела, 1 ноември 2015 - 17:25