Вардарки ја завршија групната фаза со победа над Савехоф

Нашата екипа ја продолжи победничката серија на гостувањето во Шведска, совладувајќи го Савехоф со 29-26, во последниот натпревар од главната фаза во ЕХФ Лигата на шампионите.

Вардар го победи Савехоф со одлична игра во второто полувреме, кога целосно го контролиравме резултатот и случувањата на теренот. Всушност, победничкиот залет нашите девојки го фатија некаде од 25. минута во првото полувреме, до кога Савехоф беше во постојано водство, најмногу со 10-4 во 16. минута.

Сепак, нашите девојки почнаа да играат како што знаат и во преостанатите 14 минути од полувремето постигнаа дури 10 гола. Наважни беа четирите едноподруго од 27. минута до 30-тата за изедначување на 14-14, резултат со кој екипите заминаа во соблекувалните.

Серијата од 27. минута продолжи и до 5-0 на стартот и од второто полувреме, кога Савехоф имаше сили за уште 10 минути да биде рамноправен. Вардар водеше со еден до два разлика сѐ додека не направи серија од 3-0, во 42. минута и дојде до највисоки 23-19. Оттогаш до крајот нашата предност беше недостижна и покрај тоа што во 57. минута Савехоф дојде на 25-27.

Главен играч на Вардар во овие минути беше Ина Суслина, која го заврши натпреварот со 11 одбрани, од нив осум во вториот дел вклучувајќи и два седмерци. Во ситуација кога бековите доста промашуваа во првото полувреме, најефикасна беше Маја Сокач со седум погодоци.

Со овие два бода Вардар има 14 и со толку ќе ја заврши главната групна фаза. Останува да ни се насмевне среќата, па некој од резултатите на Будуќност и Ѓер, кои играат в недела со Митјиланд, односно ЦСМ Букурешт да биде во наш прилог. Засега и двете екипи се зад Вардар со по 13 бода.

 

Савехоф - Вардар 26-29 (14-14)

Савехоф: Бундсен 8 одбрани, Муратиду 5 одбрани, Х. Ериксон, Екерман-Фернис 4, Санд 6, Линдвал 2, Тегстед, Кронел, Енхорнинг 2, Ј. Ериксон 5, Андреасен 5, Јенсен, Карлсон 1, Петерсон, Мелегард 1.

Вардар: Лејно 1 одбрана, Суслина 11 одбрани (2 пенала), Радичевиќ, Кликовац 2, Дамњановиќ 1, Дембеле, Лазовиќ 5, Сокач 7, Алтхаус 2, Пенезиќ 4, Черноиваненко, Човиќ 1, Ихнева 2, Лекиќ 4, Грбиќ 1.

петок, 26 февруари 2016 - 20:51