Вардарки го кренаа пехарот, повторно сме шампиони!

Иако беше познато и претходно, на денешниот меч меѓу двете екипи на Вардар, официјално доделен беше пехарот за староновиот шампион на Македонија.

Поискусните вардарки ги совладаа своите колешки од помладиот тим со 34-18, остварувајќи ја победата број 19, со само еден преостанат натпревар од сезоната, против Ѓорче Петров, кој ќе се одигра во вторник.

Без Андреа Лекиќ, Јованка Радичевиќ, Ина Суслина и Симона Стојановска во екипата, шампионките имаа проблем да направат разлика против мотивираните девојки на Симе Симовски, па тоа им успеа дури во завршните седум, осум минути. По водството од 9-8, направија серија од 4-0 и благодарение на неа заминаа на пауза со 14-9.

Во вториот дел, се играше поопуштено и на двете страни, поголема минутажа добија девојките кои почесто се резерви, а предноста на вардар растеше. Од 20-10 во 37. минута, до највисоките 34-17  пред крајот, но ЖРК Вардар со седмерец во последната секунда го постави конечниот резултат.

Покрај доделувањето на пехарите, имаше уште една свеченост по натпреварот. Имено, Вардар се раздели од две ракометарки и од двајца членови на стручниот штаб. Кариерата ја заврши Јуле Николиќ, а си заминуваат Бегоња Фернандез, асистентот на Индира Кастратовиќ, Урош Брегар, како и досегашниот кондициски тренер, Ненад Њаради.

 

Вардар - ЖРК Вардар 34-18 (14-9)

Вардар: Петковска, Лејно, Гакидова, Митова 3, Николиќ 2, Лазовиќ 7, Дембеле 6, Сокач, Алтхаус 2, Кликовац 5, Пенезиќ 1, Черноиваненко 4, Ихнева 2, Хмирова, Грбиќ 2.

ЖРК Вардар: Белмезова, Ладева, Младеновска, Прленда 3, Петревска, Трпковска 1, Николовска 1, Бојаџиска 3, Тодоровска 2, Нолевска, Трајчевска, Џини, Керамичиева 7, Трајковска, Гичевска 1.

среда, 20 мај 2015 - 18:35