Вардарки блескаа во Букурешт за да дојдат до важна победа

Вардар забележа многу важна победа на гостувањето кај ЦСМ Букурешт со 30-25, олеснувајќи си го патот до Ф4 турнирот во ЕХФ Лигата на шампионите.

Се виде дека Вардар е за класа подобар од ЦСМ Букурешт уште по неколку минути во натпреварот, бидејќи нашите ракометарки почнаа со серија од 5-1, до осмата минута. ЦСМ Букурешт се врати само за да намали на 4-5, но Вардар повторно јурна напред, со предност од 9-5 во 16. минута, а потоа и за 11-6.

Романскиот првак го држеа добрите голманки, во случајов Грубишиќ, која им овозможи на соиграчките повторно да притиснат и да се доближат на три негатива. Меѓутоа Вардар функционираше беспрекорно, пред сѐ во одбраната, а во нападот извонредна беше Андреа Пенезиќ со шест гола само во првиот дел.

Нашата предност дојде до највисоки плус седум, со 16-9 во 27. минута, а ќе беше толку и на одморот, меѓутоа ЦСМ Букурешт доби пенал, кој го реализира Изабела Гулден за 17-11 за Вардар по првото полувреме. Во вториот дел нашиот домаќин одигра многу поагресивно и поорганизирано, па тој налет резултираше со една серија за намалување на нашето водство на 20-17 во 38. минута.

Сепак, постојано имаше некој кој ја негуваше предноста, а во овој период се разбрани и Амандин Лејно отежнувајќи им ја работата на Романките. Тие се обидуваа безуспешно, доаѓајќи најблиску до три разлика во уште неколку наврати до крајот (20-23, 22-25, 23-26), за конечно нивниот отпор да се скрши во 55. минута. Кога Андреа Кликовац погоди а 28-23 во 58. минута јасно беше дека Вардар ќе слави и тоа сигурно и убедливо.

Со оваа трета победа во главната фаза од ЛШ, вардарки дојдоа до 10 бода, само еден помалку од второпласираниот Ѓер и три од лидерот Будуќност. ЦСМ Букурешт заостанува со седум што ја прави третата позиција веќе сигурна. Нашата цел е втората, што ќе ни донесе уште полесен противник во четвртфиналето и затоа ќе одиме на победа и в недела, во СЦ „Јане Сандански“ против европскиот првак Будуќност.

 

ЦСМ Букурешт – Вардар            25-30 (11-17)

ЦСМ Букурешт: Грубишиќ, Јордаче, Песоа, Гулден 4, Куреа, Франка да Силва 3, Родригес 3, Варзару 1, Брадеану, Тортенсон 1, Нан, Веткова, Марта Беренгер 6, Манеа 2, Фискер.

Вардар: Лејно, Суслина, Радичевиќ 2, Кликовац 3, Дамњановиќ, Лазовиќ 4, Дембеле 1, Сокач, Алтхаус 3, Пенезиќ 7, Черноиваненко 1, Човиќ, Ихнева, Лекиќ 9, Ристовска.

 

 

вторник, 16 февруари 2016 - 19:53