Вардарки без бодови од Струга, но остануваат во Топ - 3

Со минимална разлика вардарки ги загубија трите бода на гостински терен кај Стружанка на натпреварот од Женската супер лига. Сезонава ова е втор дуел меѓу екипите, што овој пат заврши во полза на Стружанка со 30 : 29.

Сепак, резултатот нема да влијае на нашата позиција на табелата, односно до почетокот на вториот дел од сезонава остануваме меѓу топ 3 екипи заедно со Металург и Куманово пред нас. Зад нас на табелата останува Стружанка, со која на првата средба што се одигра во Скопје победивме со 27 : 25.

На дуелот во Струга, неколку грешки во последните минути ни ја однесоа победата, но веројатно и уморот си го стори своето откако црвено – црните само еден ден претходно во истиот состав во „Јане Сандански" триумфираа на меч во младинска категорија. По промашениот пенал на вардарки и неуспешната контра на резултат од 29 : 29, противникот погоди за 30 : 29.

Почетокот најавуваше вардарова победа. Имавме постојана предност од 3 до 4 гола, до ремите од 12 : 12. Домаќините ја превземаа иницијативата и успеа на пауза да заминат со минимална предност од 21 : 20. Впрочем токму и овој гол предност како да не чинеше победа. Во следните 30 минути, двете екипи го изгубија фокусот во напад, постигнувајќи по само 9 гола и на двете страни. Јована Трајковска имаше 13 одбрани. Најмногу голови, 8, од нашата екипа постигна Ивона Трпевска.

Стружанка – ВАРДАР 30 : 29 (21 : 20)

недела, 9 декември 2018 - 20:20