Вардарки без бодови од Франција, и првпат се на второ место во групата

Првпат сезонава вардарки по едно завршено коло ќе бидат на второто место на табелата, откако од Франција се враќаме со пораз од 28-42 (16-19) од дуелот со Мец.

По ова коло Вардар сега е втор на табелата во А групата со 13 бода, еден помалку од лидерот ФТЦ Будимпешта. Во последното коло Вардар е домаќин на Турингер на 11 март. Пласманот во четврт-финалето е одамна обезбеден, но сега треба да дознаеме од која позиција ќе влеземе во Топ-8 фазата и кој ќе биде нашиот ривал таму. Во нокаут фазата вкрстуваме со тим од Б групата за пласман на Ф4 турнирот во Будимпешта.

Почетокот на средбата во Франција укажуваше на наша добра игра и покрај тоа што имавме неколку нереализирани напади. Во 12 минута имавме водство од 8-5. Но, потоа следуваше период од 90 секунди во кои домаќинките набрзина израмнија на 8-8, а потоа зголемија на 10-8. Реагираше нашата клупа со тајм аут, но единствено што направивме е што го намаливме резултатот на „минус 1" во неколку наврати во првото полувреме. Правевме премногу технички грешки и не реализиравме од некои чисти ситуации, овозможувајќи им на домаќинките да постигнуваат голови после секое наше промашување. На одмор се замина со „прифатлива предност" од 16-19 за Мец.

Во второто полувреме, веќе по две минути играње, Мец имаше предност од пет гола (21-16). Од тој момент Вардар не успеа да се врати во игра, а Мец потоа постојано го зголемуваше водството. Ова е највисокиот пораз за Вардар во лигата на шампионите.

Во редовите на Вардар најпрецизна беше Андреа Пенезиќ со 10 гола од 11 упатени удари, Лазовиќ и Радичевиќ постигнаа по 3 гола, а Херем, Мавсар, Алтхаус, Лакрабер и Ристовска постигнаа по 2 гола.

недела, 5 март 2017 - 17:10