Вардар со нов успех: Во Топ-10 најдобри екипи во ЛШ на сите времиња

За само пет години играње во лигата на шампионите нашите девојки поставија нов клупски но и рекорд на Македонија - станаа најуспешна екипа во лигата на шампионите. Со завршувањето на натпреварите од Главната фаза сезонава вардарки влегоа во Топ-10 екипи на сите времиња во ЛШ.

Пред почетокот на сезоната Вардар беше на 13 место на листата, и пред нас беше и Кометал ЃП кој имаше вкупно 47 победи остварено во своето претходно играње. При правењето на листата на најдобрите екипи предвид се земени само настапите во лигата на шампионите, но не и оние во квалификациите.

Вардарки одиграа вкупно 12 натпревари сезонава во ЛШ, остварија 11 победи и само еден пораз. Така стигнавме до вкупно 74 одиграни натпревари во ЛШ, од што на 52 победивме, одигравме 6 нерешени средби а на 16 бевме поразени. Имаме освоено вкупно 110 бода досега во ЛШ, и процен на успешност од над 70 отсто.
Ни остануваат уште најмалку две, а најмногу четири натпревари до крајот на сезонава и можеме само да го подобриме процентот на успешност.

Во Топ-10 најдобри екипи во ЛШ на сите времиња се: Ѓер, Будуќност, Хипо, Ларвик, Крим, Виборг, ФТЦ, Влчеа, Вардар, Астро Сагунто и Подравка.

Сезонава Вардар во главната фаза исто така има резултати како ниту една друга екипа:
- најдобар напад - постигнати 301 гол
- најдобра гол разлика - плус 56 гола
- најмногу победи - 9 (вкупно 13 во сезоната)
- најмалку порази - 1
- најдобар просек на постигнати голови - 30,1 по натпревар
- најмногу освоени бодови - 18

Нов клупски рекорд е:
- најдолга серија победи - 9
- најмногу освоени бодови после главната фаза - 18
- најдобра гол разлика - плус 56

Следните европски предизвици за Вардар се настапот во четврт-финалето на лигата на шампионите. Противник ни е дански Митјиланд. Првиот меч го играме на гостински терен во периодот од 6 до 8 април, а реваншот е во периодот од 13 до 15 април во Скопје. Победникот ќе се пласира на Ф4 турнирот во Будимпешта.

 

недела, 11 март 2018 - 21:53