Вардар повторно победнички во Лигата на шампионите

Нашите девојки се вратија на победничките патеки во Лигата на шампионките откако пред домашна публика го победија Савехоф со 37-25 во 7 коло од група 2 на групната фаза

Вардар одново покажа дека е сериозен кандидат не само за пласман во четврт-финалето на Лигата на шампионите, туку има квалитет да се бори и за подобра позиција во групата што може да им донесе и релативно полесен ривал. Со новите бодови се искачивме на третото место на табелата со 8 бода, еден повеќе од ЧСМ Букурешт, а три помалку од лидерот Ѓер и еден помалку од Будуќност.

На мечот во кој влеговме максимално мотивирани и без право на грешка му дозволивме на ривалот на „игра" само 12 минути. Во тој период Савехоф наметна брза игра, се играше „гол за гол" и лесно наоѓање простор да стигне топката до мрежата на Суслина. Тогаш последен пат Савехов успеа да израмни, 8-8, по што стапи на сцена „црвено-црната машинерија".

Во следните 17 минути нашиот тим постигна 11 гола, а прими само 1 гол. Одбраната делуваше мотивирачки, агресивно приморувајќи ги Швеѓанките брзо да ги завршуваат акциите и под тој притисок и лесно да прават технички грешки. И токму тој период се покажа клучен, зашто ние знаевме да профитираме, па со лесни голови направивме предност која достигна 18-9 во 29 минута.
Во последната секунда една одбиена топка стигна до Кликовац кој реализираше за предност од „плус 9" (19-10)

Почетокот на второто полувреме беше во знак на нашите девојки кои преку Пенезиќ првпат направија двоцифрена предност (20-10). Веќе беше јасно дека бодовите ќе останат во Скопје, но сепак се работеше за престиж и покажување на силата, па и можност да се воигра некоја нова варијанта.
Савехов за момент се закани намалувајќи на 22-14, но двата гола негатива брзо ги надполнивме преку Лекиќ и Радичевиќ за нова „десетка".

Фуријата продолжи и во следнит еминути, па во 44 минута првпат стигнавме до предност од 14 гола (30-16). Иста предност имавме и во 50 минута (32-18). Беше јасно дека Вардар ќе триумфира, и тоа убедливо, па новиот тренерски тандем Кастратовиќ - Дејвис Камара им даде шанса и на оние од клупата. Драган Петковска на голот и Сара Ристовска добија минутажа, исто како и Ихнева и Черноиваненко.
Планираните бодови беа освоени, и може да се почне со размислување за следниот противник. Во следното коло Вардар гостува кај ЧСМ Букурешт на 16 февруари.

Вардар - Савехоф 37-25 (19-10)
Вардар: Петковска, Лејно, Суслина, Радичевиќ 5, Кликовац 2, Дамњановиќ 2, Лазовиќ 3, Дембеле 2, Сокач 5, Алтхаус 2, Пенезиќ 6, Черноиваненко, Човиќ 1, Ихнева 2, Лекиќ 6, Ристовска 1.
Савехов: Олсон, Екенман Фернис 4, Санд 1, Линдвал Хагрен, Тегстедт, Кренел, Енхернинг 3, Ериксон 7, Андреасен, Јенсен 4, Муратиду, Петерсон 6, Ериксон, Мелегард.

сабота, 6 февруари 2016 - 19:01