Вардар повторно дел од Регионалната лига - првпат ќе се вклучат и младинските екипи

Ракометарките на Вардар, актуелните победници на Регионалната женска лига на средината на септември ќе ја почнат одбраната на титулата на првиот турнир што ќе се одржи во Подгорица. Новина сезонава е што покрај сениорските екипи на Вардар, Крим, Подравка и Будуќност на истите турнири ќе учествуваат и младинските екипи.

На состанокот одржан денеска четирите екипи што и ланската сезона играа во Регионалната лига, Вардар, Будуќност, Подравка и Крим повторно ќе се борат за титулата.
Наместо досегашните четири турнири, оваа сезона ќе се одиграа пет. Првите четири ќе бидат дел од регуларниот дел од сезоната, а последниот, Ф4 турнир ќе се игра на крајот од април, а домаќинот дополнително ќе биде одреден.

Првиот турнир ќе се игра на 13 и 14 септември во Подгорица. Вториот турнир е закажан за 28 и 29 октомври, а домаќин е Подравка. На почетокот на 2018 година, односно на 13 и 14 јануари во Љубљана ќе се игра третиот турнир, а Скопје ќе биде домаќин на четвртиот турнир од регуларниот дел на сезоната, на 27 и 28 март 2018.
Потоа на Ф4 турнирот ќе се игра по принципот 1-4 и 2-3, а победниците од тие полуфинални средби потоа ќе разигруваат за титулата.

Покрај играњето на пет турнири, сезонава новина треба да биде што покрај сениорските екипи треба да настапуваат и младинските, и тоа на секој турнир. Тоа ќе биде голем стимул за младите ракометарки, кои ќе добијат можност за натпреварување и напредување. Три од четирите екипи веднаш се согласија за овој предлог, а останува уште Подравка да се изјасни околу ова, бидејќи нејзини претставници немаше на состанокот, но се надеваме дека и тие би подржале нешто вакво.

„Сите екипи се согласивме дека напредокот на лигата и на секоја екипа зависи од сопствените школи, и сакаме на нашите идни првотимки уште отсега да им овозможиме шанса да се натпреваруваат на интернационално ниво, со своите врсници од други земји. Сметаме дека тоа ќе придонесе за подигање на квалитетот, и истовремено добивање на поголемо искуство на овие млади ракометарки кои досега немаа често можност да играат вакви мечеви. Како клуб целосно ја подржавме ваквата идеја и сметаме дека таа ќе донесе само позитивни работи за сите, изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.

Распоред на натпревари од Регионалната лига

Турнир 1 - домаќин Подгорица
13 септември 2017
Крим - Подравка
Будуќност - Вардар

14 септември 2017
Вардар - Крим
Будуќност - Подравка

Турнир 2 - домаќин Копривница
28 октомври 2017
Будуќност - Крим
Подравка - Вардар

29 октомври 2017
Вардар - Будуќност
Подравка - Крим

Турнир 3 - домаќин Љубљана
13 јануари 2018
Будуќност - Подравка
Крим - Вардар

14 јануари 2018
Вардар - Подравка
Крим - Будуќност

Турнир 4 - домаќин Скопје
27 март 2018
Подравка - Крим
Будуќност - Вардар

28 март 2018
Вардар - Крим
Будуќност - Подравка

 

петок, 4 август 2017 - 21:58