Вардар по четврти пат на Ф4 во Будимпешта

Вардарки уште еднаш го повторија она што претходните три сезони го постигнуваа, се пласираа на Ф4 турнирот во лигата на шампионите откако победија и во реванш натпреварот со Митјиланд, овојпат со 26-24 (11-12)

Предноста од два гола од првиот натпревар, 28-26 за Вардар во Данска не беше гаранција за лесен меч, а гостинките во најголем дел од средбата беа во игра и секогаш „ни дишеа во врат“. Во првото полувреме Митјиланд дури имаше и водство од 12-11.
Вардар одамна не играл така неповрзано во редовите, со слаба реализација и многу технички грешки. Само во првото полувреме имавме 11 технички грешки, но и осум одбрани на Амандин Лејно. Не беше проблем да се стигне до ситуација за удар колку што бевме несмасни во одредени моменти, па правевме и грешки. Среќа што и гостинките не беа доволно сконцентрирани, па и тие возвраќаа со грешки.

На почетокот на второто полувреме Митјиланд поведе со 15-12 иако имаше и играч помалку на теренот. Во тие моменти нашата клупа во игра ги внесе Тамара Мавсар и Сара Ристовска. Токму тие беа џокерите на Вардар, па брзо израмнивме, а потоа преку Лекиќ и Пенезиќ имавме и водство. Потоа на сцена стапи Андреа Човиќ која на линијата од шест метри секогаш беше онаму каде што треба, добро ја проигруваа а таа сето тоа го крунисуваше со голови, па постигна пет од шесте гола на Вардар, за водство на „црвено-црните" од 25-21 во 55 минута.

Ждрепката за полуфиналните двојки на Ф4 турнирот ќе биде во вторник во Будимпешта.

 

сабота, 15 април 2017 - 19:05