Вардар оди на фајналфор во Лигата на шампионите

Вардар и дефинитивно е учесник на Ф4 турнирот во ЕХФ Лигата на шампионите, без разлика што на реваншот од четвртфиналето Ларвик беше подобар со 28-26.

Нашите девојки не успеаја да ја задржат победничката серија, но целта е остварена, трета година по ред се пласираме на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите, овој пат со најсериозни намери за освојување на врвот.

Вардар и денеска покажа дека кога треба и кога ќе запне може да одигра добро. Така беше во првото полувреме, откако Ларвик го отвори мечот со 4-1. Тоа беше во првите шест минути, а потоа Амандин Лејно влезе во елемент и Вардар почна да ја покажува својата препознтлива игра. Цели осум минути не примивме гол, за тоа време постигнавме пет едноподруго и поведовме со 6-4.

Ларвик се обидуваше да се врати, изедначи на 8-8, а потоа и на 10-10, но следуваше нова серија од 3-0 со која Вардар си обезбеди предност на полувремето, од 13-11. Во второто го чувавме водството неколку минути, а потоа настапи мала криза, со технички грешки кои Ларвик ги искористи за да направи камбек во мечот и да се обиде барем да победи, со каква таква разлика, кога веќе 14-те гола од Скопје беа недостижни.

Од 38. до 42. минута Норвежанките направија серија од 4-0, предводена од левото крило теа Морк и поведоа со 19-16. Десет минути подоцна дојдоа и до четири разлика, првпат на мечот, а истата позитива ја имаа и во 59. минута, со 28-24, но Лазовиќ и Радичевиќ погодија до крајот за поразот да биде полесен.

 

Ларвик - Вардар 28-26 (11-13)

Ларвик: Тофт, Хасаниќ, Фрафјорд 4, Собстад, Брејванг 1, Н. Морк 5, Хамерсенг 4, Корен Ригелут, Јохансен 1, Брејстол 1, Станге 1, Т. Морк 7, Солберг, Куртовиќ 4, Граесхолт.

Вардар: Лејно 17 одбрани, Суслина 1 одбрана, Радичевиќ 7, Кликовац, Дамњановиќ, Лазовиќ 5, Дембеле, Сокач 1, Алтхаус 3, Пенезиќ 5, Черноиваненко, Човиќ 1, Ихнева, Хмирова, Лекиќ 4, Грбиќ.

недела, 10 април 2016 - 17:25