Вардар игра шампионски - триумфално се враќаме од Германија

Европскиот вицепрвак Вардар ја оствари првата гостинска победа сезонава во групната фаза од лигата на шампионите, втора по ред во новиот циклус натпревари. На гостински терен кај Турингер победивме со 29-21 (19-11) и го задржавме првото место во групата.

Со петтава сезона во ЕХФ лигата на шампионите ова е 43 триумф на „црвено-црните", петти во меѓусебните дуели со германскиот тим. На претходните шест натпревари, ние четирипати триумфиравме и ова е најубедлив триумф на гостински терен во Германија. Досега вообичаено Турингер секогаш знаеше да ни прави проблеми, а сега во текот на целиот меч ние ја имавме контролата, врз играта и резултатот.

Неизвесно беше само на почетокот, барем според резултатот. Во 10 минута домаќинките израмнија на 6-6, и тоа беше сѐ што успеаја да покажат на дуелот со нас. Потоа следуваше наша серија од 6-0 и водство 6-12, по кое веќе Турингер не се врати. Имаше уште еден обид за пресврт во 22 минута, бидејќи Германките намалија на 10-14. И повторно следуваше наша добра игра, одбрана која овозможи лесни и брзи голови, прецизен напад.

Во второто полувреме неколкупати имавме и предност од 10 голови, а еднаш и „плус 11" за водство 28-17 во 52 минута. Нашиот тренер Ирина Дибирова можеше да комбинира во второто полувреме со повеќе играчи, па речиси сите добија шанса за играње. Голманите беа еден од клучните елементи за високата предност.
Амандин Лејно одбрани 8 топки, а Ина Суслина еден помалку.

Во следното коло Вардар патува за Норвешка каде му гостува на Ларвик на 4 ноември.

 

недела, 15 октомври 2017 - 16:09