Вардар ги продолжи договорите со пет ракометарки

И следната сезона во тимот на Вардар ќе играат Ања Алтхаус, Амандин Лејно, Барбара Лазовиќ, Андреа Пенезиќ и Јованка Радичевиќ кои ги продолжија договорите со македонскиот првак и бронзениот тим последните две сезони во Лигата на шампионите

Вардар ќе го задржи најголемиот дел од екипата што сега ја има, откако е постигнат договор со пет ракометарки за останување во тимот и во наредниот период. Четири ракометарки потпишаа нови едногодишни договори, а една ракометарка останува уште две сезони. Ања Алтхаус, Барбара Лазовиќ, Андреа Пенезиќ, Амандин Лејно и Јованка Радичевиќ и во иднина ќе го носат дресот на Вардар.

Нашата екипа која е третопласиран тим во Лигата на шампионите последниве две сезони сака да го задржи тимот кој успеа веднаш да го искачи Вардар во самиот европски врв, со нова цел, да се освои истиот во иднина. Клубот е задоволен од игрите на ракометарките и токму затоа реши да им понуди нови договори, што беа прифатени од страна на играчите. На тој начин ќе остане тимот што и досега одлично функционира, па ќе има поголема можност за уште подобро воигрување и функционирање.

„Имаме задоволство и чест да објавиме дека ги продолживме договорите со нашите ракометарки Ања Алтхаус, Амандин Лејно, Барбара Лазовиќ и Андреа Пенезиќ за уште една сезона, до јуни 2017 година. Нашето десно крило Јованка Радичевиќ ќе остане во клубот уште две сезони, до јуни 2018 година.
Нашата заложба е секогаш да ги имаме најдобрите ракометарки кои сакаат да бидат дел од Вардар. Сакаме во својот тим да има професионалци кои исто така знаат да му возвратат на клубот со максимална посветеност. Веруваме дека заедничката соработка со играчите што решија да останат ќе ни донесе нова радост во остварување на зацртаните цели. За сите нови информации околу продолжувања на договорите, заминувања или нови засилувања јавноста ќе биде навреме информирана, изјави Давор Стојаноски, Извршниот директор на Вардар.

Нашиот тим веќе викендов игра тежок и неизвесен натпревар од Главната фаза на Лигата на шампионите против Будуќност во Подгорица.

петок, 15 јануари 2016 - 16:12