Трет куп трофеј за Вардар

Трофејот од Купот на Македонија останува во старите витрини, оние на Вардар. Немаше никакви дилеми околу победникот во финалето на 23. Куп на Македонија, бидејќи нашите ракометарки беа и повеќе од очигледни фаворити, и тоа го оправдаа, па триумфираа со 34-16 над Металург

За Вардар ова е втор Куп трофеј во низа, и трет во клупската историја. По оној во 1994 година, и ланскиот, сега „црвено-црните" имаа три пехари.
Неизвесно, барем така изгледаше, беше само во првото полувреме. Металург даде силен отпор, не дозволи никакво резултатско одлепување, на нашите ракометарки, кои сепак на одмор заминаа со седум гола предност, 17-10. Во тимот на Вардар ги немаше Ина Суслина, Јованка Радичевиќ и Сираба Дембеле.
Фуријата од крајот на првиот дел на Вардар, за момент беше сопрена во второто полувреме, кога Металург намали на 18-13. Ги искористија своите „пет минути", а потоа на терен имаше само една екипа, Вардар. Брзо стигнавме до предност од десет гола, 23-13, а потоа продолжи да се игра за што повисока разлика.
За најкорисен играч на Ф4 турнирот е прогласена бекот на Вардар, Андреа Пенезиќ, која во финалето постигна осум гола.
Најдобар голман е Амандин Лејно од Вардар, додека наградата за прв стрелец на турнирот отиде кај Јована Саздовска од Металург. Левото крило на Металург постигна вкупно 15 гола, од што 14 гола против Пелистер во полуфиналето, и само еден во финалето против Вардар.

Вардар – Металург 34-16 (17-11)

Вардар
: Петковска, Стојановска 1, Гакидова, Митова, Лејно, Николиќ 3, Лазовиќ 1, Сокач 8, Алтхаус, Кликовац 1, Пенезиќ 8, Черноиваненко 6, Ихнева 3, Хмирова 1, Лекиќ, Грбиќ 2.

Металург: Серафимовска, Каранфиловска, Антиќ, Белеска 4, Јовановска, Николиќ 1, Стојковска, Николовска, Дабевска, Ливриниќ 5, Саздовска 1, Ципушева, Дурланова, Величковска 2, Ристовска 3, Петковска.

сабота, 16 мај 2015 - 17:37