Суслина и Лејно меѓу „ѕвездите“ на колото во ЛШ

Двете голманки на Вардар, Ина Суслина и Амандин Лејно беа најекспонирани во последниот избор на ЕХФ ТВ, по првите четвртфинални натпревари од Лигата на шампионките. Вардар победи со 24-18.

Ина Суслина е прогласена за една од „трите ѕвезди" на првото четвртфинално коло. Со своите 13 одбрани (од што два пенала), беше една од лидерите на тимот во создавањето на разликата со која Вардар има реални шанси да стигне до Ф4. Покрај Суслина, во „трите ѕвезди" место добија и Нора Мерк од Ларвик со своите 12 гола во гостинскиот триумф над Турингер и Рике Сков од Виборг, со осум гола во поразот од Будуќност.
Голманите на Вардар беа главни и во топ-листата со пет најубави одбрани во ова коло. Ина Сулсина го држи четвртото место, а без конкуренција прва е Амандин Лејно со двојната одбрана при ударот на Ана Сен, прво од седум метри, а потоа и одбиената топка.
Во изборот на најатрактивните голови, цепелинот на Јованка Радичевиќ и Андреа Пенезиќ се најде на третото место.
Во рубриката дебитант на колото, почестите ги собра Дина Екерле, 19-годишната голманка на Турингер, која ја менува Јана Краузе.

 

понеделник, 6 април 2015 - 12:53