Со триумфот над Ростов, вардарки го освоија третото место во Букурешт

Во меч за пласман на турнирот во Букурешт, ракометарките на Вардар го освоија третото место триумфирајќи против Ростов, 33-27.

На првиот подготвителен турнир за новата сезона Вардар го освои третото место, одигрувајќи одлично второ полувреме против руски Ростов. Решавачки беа првите 11 минути од второто полувреме кога Вардар направи серија од 8-2, доволна за водство од 21-14. Тоа беше разлика што потоа нашите девојки успеаја да ја одржат.

Од самиот почеток на натпреварот се играше израмнето, без особена резултатска предност на ниту една страна. Ростов имаше водство од 3-2 и 7-6 во 12 минута, по што следуваше период на доминација на Вардар, преземање на водството и обид да се направи резултатско одлепување, со повеќе од два гола, колку што имаше Вардар предност неколкупати. При резултат 12-10 за Вардар во 23 минута, Олга Черноиваненко двапати имаше шанса да зголеми на „плус три“, но гостинската голманка Лунде беше подобра. Голот предност на полувреме, 13-12 беше само најава за интересни 30 минути во вториот дел.

Откако ракометарките на Ростов во два одделни напади беа прегруби во одбраната и добија исклучувања, им овозможија на вардарки да ги искористат укажаните шанси. Хмирова и Дембеле поентираа за водство од 15-12, а Суслина имаше и две одбрани по ред. Черноиваненко продолжи, а Лекиќ од пенал зголеми на 17-13. Тоа беше знак за Русинките да бараат тајм аут, но, и покрај исклучувањето на Лекиќ, во одличен ритам беше голманката Ина Суслина која повторно имаше две одбрани по ред, а Хмирова потоа во три напади постигна три гола, и веќе предноста на Вардар беше 20-14.

Вардар играше одлично во добрана, ги користеше сите укажани шанси и во 47 минута имаше водство до 26-17.

Малото опуштање во нашите редови им овозможи на Русинките да намалат на 21-26 во 51 минута, но, потоа повторно следуваше одговор, и наше водство од 28-21.

Андреја Лекиќ постигна 6 гола, Сања Дамњановиќ и Маја Сокач по 5 гола, Сираба Дембеле, Андреја Пенезиќ и Татјана Хмирова по 4 гола.

Вардарки утре се враќаат во Скопје, каде ќе се подготвуваат за турнирот што од 29 август до 1 септември ќе се одржи во Скопје.

недела, 23 август 2015 - 16:53