Сезоната ја отворивме со триумф

Ако сезоната се гледа според почетокот тогаш и оваа 2017/2018 ќе биде плодна за Вардар. Нашите девојки во првото коло го победија тимот на ФТЦ Реил Карго од Унгарија со 34-31 (20-11) освојувајќи ги двата бода.

Европскиот вице првак ги најави плановите повторно да игра на Ф4 турнирот и да стигнеме до посакуваниот златен медал. Прикажаната игра, особено на моменти изгледаше шампионска, со беспрекорна одбрана и прецизен напад. Го имаме сето она што ни треба да ја постигнеме целта. Покажавме и слабости што ќе треба да ги отстраниме, но најважно е кога тргнуваме со самодоверба, со победа и бодови на контото.

Одличното прво полувреме на вардарки во кое постигнаа 20 гола беше решавачки за крајниот исход на мечот, иако на терен не изгледаше сѐ така лесно. Брзата игра на двете страни, донесе и доста голови, но ние имавме подобра концентрација и кога требаше и подобра одбрана. Периодот од 17 до 25 минута со нашата серија од 8-0 се одлепивме резултатски на 18-10. Потоа беше полесно, противникот беше „скршен" а ние на полувреме заминавме со предност од 20-11.

Натпреварот го почнуваме со Полина Кузнецова која дебитира во дресот на Вардар сезонава. Русинката постигна и 1 гол во второто полувреме. Почетокот беше неизвесен, и тренерот Дибирова ја бараше седморката што ќе може да одговори и да одолее на нападите и одбраната на ФТЦ. И така беше до 17 минута кога последен пат беше нерешено, 10-10. На голот ја имавме и расположената Амандин Лејно која имаше вкупно девет одбрани, од што шест во првото полувреме.

Почетокот на вториот дел донесе период во кој ние полесно примавме голови, а ривалот го искористи тоа да намали на 23-17. Беше тоа период кога гостинките го засилија темпото, анулираа дел од негативата и се понадеваа дека може да направат пресврт.
А Вардар си ја играше својата игра без разлика на сѐ, и пак ја врати предноста од „плус 9" за водство 30-21, терајќи го гостинскиот тренер да бара тајм аут. Тоа многу не помогна, зашто Вардар веќе играше како по ноти. Цвијиќ погоди за „десетка" и водство 31-21.

Но, тешко е постојано да се игра на високо ниво, па така имавме еден лош период во кој гостинките направија серија и намалија од 33-23, на 33-27. Но, тоа беше задоцнета реакција од нив, веќе и немаше време за нешто да се смени освен да се намали гол разликата. Ризикиот да се игра без голман кога имаме исклучен играч придонесе да примиме неколку голови по ред, па кога ФТЦ намали на 34-30 веќе мораше да се прекине нивната серија. Со тајм аут Ирина Дибирова се обиде да ги извади од колосек гостинките и да се сочува разликата.

Вардар - ФТЦ 34-31 (20-11)
ВАРДАР: Лекиќ 7, Цвијиќ 7, Пенезиќ 6, Лакрабер 6, Радичевиќ 2, Кузнецова 1, Лазовиќ 1, Чанаџија 3, Ристовска 1.

Во следното коло гостуваме кај Турингер во Германија.

 

петок, 6 октомври 2017 - 20:38