Сања Дамњановиќ е нов член на Вардар

Србинката Сања Дамњановиќ (28) во иднина ќе биде дел од екипата на Вардар, откако потпиша двегодишна верност на клубот.

Таа игра на позицијата лев бек и плејмејкер, со што значително ќе се засили конкуренцијата во тимот на тие позиции. Доаѓа од тимот на Виборг каде настапуваше од 2013 година и со данскиот тим ја освои двојната круна во тамошното првенство и триумфираше во КПК.

Зад себе има интернационална кариера од настап во екипите на Крим, Подравка и Виборг, а беше дел и од екипите на Раднички Белград, Наиса и Заечар.

„Со ангажирањето на Дамњановиќ продолжува намерата на Вардар да се засили со играчи за кои смета дека можат да се вклопат во нашата концепција и да придонесат за остварување на клупските цели. Веруваме дека Сања ќе донесе нова свежина во играта на Вардар, и заедно ќе се радуваме на нови успеси во иднина“, изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.

Лани Дамњановиќ беше избрана и за најдобра ракометарка на Србија од страна на новинарите, прекинувајќи ја петгодишната доминација на Андреа Лекиќ. Беше една од најзаслужните за сребрениот медал на Србија на СП 2013 година и беше избрана во Ол стар тимот на тоа СП. Слично признание доби и на ЕП 2012 година, кога Србија го освои четвртото место.

Досега била првак на Словенија (2009), Србија (2010, 2011), Хрватска (2012, 2013) и Данска (2014), а освоила исто толку Куп трофеи од националните првенства на Словенија, Србија, Хрватска и Данска. Сезонава со екипата на Виборг играше во групната фаза на Лигата на шампионките, но данскиот клуб беше елиминиран во четврт-финалето од Будуќност. Дамњановиќ на 11 натпревари постигна вкупно 45 гола.

среда, 27 мај 2015 - 14:22