Ристова и Црвенковска на клупата на Вардар

Во новата сезона во женската супер лига тимот на Вардар ќе биде предводен од две дами. Тренер на екипата ќе биде Драгана Ристова, а нејзин асистент ќе биде Билјана Црвенковска.

Тимот составен од девојки родени во периодот од 2002 до 2004 година по една сезона мината во Супер лигата и освоеното трето место сега се побогати за нов оискуство и голем број одиграни натпревари. Тие лани играа и во младинска конкуренција и во сениорската лига. Тимот останува ист и следната сезона.

Драгана Ристова е поранешка ракометарка на Вардар која тука ја заврши играчката кариера по што се посвети на работа со млади категории. Таа во играчката кариера има настапувано за екипите на Скопје, Кометал ЃП, Еуростандард ЃП, Будуќност и Металург. Со екипата на Будуќност во сезоната 2009/2010 го освои КПК.

Лани Ристова исто така беше дел од стручниот штаб на Вардар, но мораше да замине бидејќи доби принова во семејството. Сега се враќа но како прв тренер.

Со репрезентацијата на Македонија има настапувано на младински и сениорски ЕП и СП. Има одиграно повеќе од 80 натпревари и постигнато повеќе од 150 гола.

„ Среќна сум што ќе можам да ги водам овие девојки во Супер лига. Јас почнам со нив пред неколку сезони во пионерска конкуренција и задовлство е кога гледаш како тие растат и се развиваат. Верувам дека ќе продолжиме во позитивна насока и ќе успееме од оваа генерација да направиме тим што му донесе многу нови успеси. Најголемиот дел од девојките се родени 2002 и 2003 што кажува дека допрва пред нив претстои иднина. Треба само да се продолжи со работа, вели Драгана Ристова.

Нејзината соработничка Билјана Црвенковска, лани беше дел од машкиот тим на Вардар и соработуваше со Роберто Парондо, стигнувајќи до три трофеи, во СЕХА лигата, ЕХФ лигата на шампионите и домашнот опрвенство.
И Црвенковска е поранешна репрезентативка на Македонија со интернационално искуство која играчката кариера ја заврши во Вардар, а потоа остана како дел од клубот.

„Клубот секогаш сакал да им даде шанса на сопствените кадри, а тоа сега го покажува на дело. Тимот што е во Супер лигата е селектиран и досега го водеше токму Ристова. Ова е продолжение во нивните кариери и веруваме дека Вардар е на добар пат со сопствени сили да се врати на самиот врв во домашниот ракомет. Со искуството што го имаат и Пецевска и Црвенковска, сигурни сме дека резултатот нема да изостане, изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.

 

четврток, 4 јули 2019 - 13:32