Радичевиќ: Ова не е нашиот максимум, ќе бидеме далеку подобри

Европскиот вицешампион со деветиот триумф сезонава во Лигата на шампионите, против екипата на Будуќност со 31 – 24 (19 – 8), го задржа лидерското место на табелата во групата 2 во Главната фаза со максимални 14 бода. Дека вардарки цврсто го трасираат патот до четврт-финалето на ЛШ, на прес – конференцијата по мечот се согласија и гостите од Црна Гора.

Тренерот на Вардар Ирина Дибирова задоволна од играта на „црвено – црните", најави дека по кусиот одмор следат подготовки за следниот меч со Мец.

„Секогаш се подготвуваме добро кога играме против Будуќност. Тоа се виде во првото полувреме кога моите ракометарки одиграа перфектно, но во второто полувреме се виде дека не е толку лесно да се одржи разликата. Задоволна сум, победивме и нема повреди. Следат неколку дена одмор и потоа ќе се подготвуваме за мечот со Мец", рече Дибирова.

Според капитенот на Вардар Јованка Радичевиќ вардарки допрва ќе покажат дека можат уште многу повеќе од играта со Будуќност.

„Драго ми е што сериозно влеговме во мечот. Како што најавив пред мечот, мислам дека 'Јане Сандански' сезонава ќе остане непобеден. Се подготвивме максимално сериозно за Будуќност, како и за секој противник, и во првото полувреме испочитувавме сè што се договоривме пред средбата. Во второто полувреме малку се опуштивме поради големата предност што ја имавме, но сепак резултатот го држевме под контрола. Ова не е нашиот максимум, имаме уште резерви. Ова не е нашиот максимум. Ќе бидеме далеку подобри како ќе одминува времето. Во моментов е очигледна разликата во квалитет со Будуќност. Им благодарам на фановите коишто дојдоа во голем број и ги поканувам и на следните натпревари да бидат во што е можно поголем број бидејќи имаме уште малку време да се дружиме. Уште малку сме тука", коментираше Радичевиќ.

Претставниците на шампионот на Црна Гора, тренерот Драган Аџиќ и Матеа Плетикосиќ беа согласни Вардар е екипа за фајнал фор.

„Сезонава натпреварите со Вардар ни се највредни. Од нив учиме најмногу. Ќе ги имаме уште до крајот на сезоната и ова ни е најдобрата школа. Вардар игра мотивирано против нас и ги покажа нашите слабости. Го следам Вардар од основањето и сметам дека во моментов е со најдобриот состав и со најголема енергија. Што се однесува до нас, ова е одлика на еден млад тим. Има падови и подеми во играта. Задоволен сум од тоа како ја градиме сезонава и верувам дека ќе обезбедиме четврт-финале што ќе биде максимум сезонава", вели тренерот Драган Аџиќ.

„Во првиот дел не влеговме во натпреварот како што треба. Грешевме во одбраната и во нападот, подоцна го поправивме тоа но беше доцна. Мислам дека Вардар оваа сезона е непобедлив, мислам дека е екипа за фајнал фор", изјави Матеа Плетикосиќ, ракометарката на Будуќност.

Следниот меч на Вардар е на 25 февруари годинава во Франција, на гости кај Мец.

сабота, 10 февруари 2018 - 18:34