Првиот меч од ЛШ му припадна на Ѓер

Големото име во европскиот ракомет, екипата на Ѓер славеше во Скопје со 27-22 и покажа дека нема да биде лесен патот до врвот ниту оваа сезона.

На жалење на неколку илјадната публика во „Јане Сандански“, Лигата на шампионите за Вардар не почна според нашите желби. Унгарките беа во свој елемент уште од почетокот до крајот, а нашите ракометарки не успеаја да се соземат по почетната негатива и цел натпревар ја бараа својата игра. Ѓер отвори со 3-1, Вардар израмни на 3-3, но дотука беше рамноправноста во мечот.

Гостинките го преземаа водството и до 15  минута веќе имаа плус три, 8-5. Вардар и немаше среќа во овие моменти, погодувајќи неколку стативи, а за тоа време Ѓер ја градеше својата предност. Кога Ѓер поведе со највисоки 11-7 во првиот дел, доби две исклучувања за само 30 секунди, но нашите девојки сѐ што направија во тој период е да намалат на 11-9. Ѓер имаше плус четири во 26. минута, а до крајот на првиот дел Вардар само намали на 13-10.

И почетокот на второто полувреме не ни беше наклонето. Ѓер отвори со три брзи гола и веќе во 35. минута имаше 16-11. Кризата продолжи понатаму и водството на противникот растеше сѐ до 51. минута, кога допре највисоки плус осум, со 26-18. Во следните минути директен црвен картон доби Едуарда Аморим, за еден старт над Андреа Пенезиќ и тоа малку ја разниша одбраната на Ѓер, па до крајот на мечот вардарки успеаја да се доближат.

Ова беше само прв меч во новата сезона од Лигата на шампионите. Вториот го играме идната сабота, исто така во 20:15, на гости кај Хипо. 

сабота, 17 октомври 2015 - 22:33