Прв собир на вардарки во 2018

Европскиот вицешампион стартуваше со подготовките за пролетниот дел од сезоната. Целата екипа се собра на првиот тренинг во 2018 година, а по завршувањето на репрезентативните обврски на дел од ракометарките сега сите погледи се насочени кон остварување на клупските планови. „Црвено-црните" месецов ќе имаат три натпревари, два во регионалната ВРХЛ лига и еден од Главната фаза од лигата на шампионите.

Тренерот на Вардар, Ирина Дибирова очекува од играчите уште подобра игра во вториот дел од сезоната во лигата на шампионите.

„Во првиот дел од сезоната победивме на сите натпревари, но никако не можам да бидам задоволна од покажаното, зашто имавме некои грешки кои во следниов период мора да ги поправиме. Мислам дека можеме и подобро да играме. Младите ракометарки, пак, би сакала во идниот период да добијат поголеми шанси, но имаме многу тешка група во Лигата на шампоните и ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Во екипата имаме многу квалитетни и искусни играчи и девојки на кои им е потребно повеќе да играат, а немаме доволно натпревари кои ќе бидат добри за нив. Ќе се обидеме да ги усогласиме потребите, сега следат натпреварите од регионалната лига, каде очекувам тие повеќе да играат и потоа да помогнат и во натпреварите од главната фаза од Лигата на шампионите", вели тренерот на Вардар Ирина Дибирова и дополнува дека првите натпревари од регионалната лига ќе се искористат за воигрување:

„Мислам дека и Будуќност и Крим нема да играат во ВРХЛ лигата со полна сила, но секој натпревар мора да се победи. Ни претстои да работиме на физичка подготвеност, како и индивидуална подготвеност на играчите, следи многу тимска работа, ќе се обрати внимание и на тактика, и особено на физичката кондиција, зашто и првиот натпревар од Лигата на шампионите е против Мец, чии играчи се многу физички силни", вели таа.

Првиот тест за Вардар ќе биде третиот турнир од регионалната ВРХЛ лига, а натпреварите се закажани за 19, 20 и 21 јануари во СЦ „Јане Сандански". На 19 јануари во 17 часот играат Вардар и Будуќност, следниот ден, на 20 јануари се среќаваат Будуќност и Крим, а на 21 јануари играат Крим и Вардар. На претходните два турнири одржани во Подгорица и во Љубљана, вардарки победија на сите четири одиграни натпревари.

„Секоја година имаме иста цел, и годинава играме позрело и посериозно. Во првиот дел ова го покажавме, и можеби е сѐ уште рано да се предвидува, следи главниот дел од натпреварите но сега се познаваме многу подобро од лани. И сега доволно е да се погледнеме во очи и да знаеме која што мисли. Искрено, на натпреварите од регионалната лига очекувам дека тренерите ќе им дадат шанса на сите играчи за да се подготвиме колку што е можно подобро за она што следува во Лигата на шампионите. А, се разбира амбицијата е секогаш да се победи и освои теренот независно од противникот", вели Јованка Радичевиќ.

По овие натпревари следи и првиот натпревар од ЕХФ Лигата на шампионите, и тоа на 27 јануари сме домаќини на Мец. Влегуваме како први на табелата, и пренесовме 8 бодови од четири победи кои ги имавме во групната фаза. Вардар е единствената екипа која во првата фаза нема пораз, туку победи на сите 6 натпревари.

Во новата 2018 година, две ракометарки на Вардар во Скопје се враќаат и со светското злато, Амандин Лејно и Александра Лакрабер, кои со репрезентацијата на Франција станаа светски прваци на Мундијалот што се одржа во Германија.

По есенскиот дел од домашното првенство Вардар и дома е на првото место со максимален учинок, односно со максималните 42 бода по 14 одиграни натпревари.

понеделник, 8 јануари 2018 - 17:55