Преку Вардар Јуниор лигата до пионерската селекција на Вардар

Учеството во Ракометната Академија Вардар на најдобрите им овозможува потоа да ја продолжат својата спортска кариера во младинските категории на нашиот клуб. Тоа значи можност за работа со најдобрите тренери и шанса да се напредува во кариерата. Да се биде дел од Вардар значи да се биде најдобар, посветен во својата работа и пред сѐ подготвен за предизвиците што престојат.

Пред стартот на новата сезона во пионерската селекција на Вардар се вклучија три нови ракометарки од Ракометната академија Вардар. Зорица Андовска од екипата на Општина Кисела Вода Вардар и Јована Трајановска од Ново Лисиче Вардар минатата сезона се натпреваруваа во Вардар Јуниор лигата и на зимскиот турнир „Еден живот, една љубов" каде учествуваше и Јана Равојска од екипата на Будимир Вардар.

Трите девојчиња велат дека заедничко за сите три е што првите ракометни натпревари ги играле како членови на Ракометната академија Вардар. Преку натпреварите на кои ги развивале ракометните вештини се запознале меѓусебно, а и со останатите пионерки од селекцијата со кои почнаа да тренираат заедно со тренерите Анжела Платон и Марија Папуџиева.

Зорица Андовска од Општина Кисела Вода Вардар на последниот зимски турнир беше избрана за најдобро лево крило во генерацијата 2004/05.

„Очекував дека ќе добијам можност со пионерската селекција на Вардар, затоа што лани се трудев многу повеќе од претходните години. Внимавав и на тренинзите, многу посилно и повнимателно тренирав, се трудев на натпреварите да го дадам најдобро од себе и верував дека тоа ќе го забележат тренерите од Вардар. За мене потврда на вложениот труд беше и наградата за најдобро лево крило на зимскиот турнир, и тоа според гласови од тренерите на конкурентските тимови. Сезонава планирам да го следам истиот ритам затоа што ова се шанси кои мораме да ги искористиме. Екипата е прекрасна, тоа се ракометарки со кои веќе се знаеме од натпреварите во Вардар Јуниор лигата или од зимскиот турнир ", вели Зорица.

Јована Трајановска од Ново Лисиче Вардар вели дека е среќна што по минатогодишната сезона во Вардар Јуниор лигата ја завршила со покана да се вклучи во селекцијата.

„Дел од ракометарките од мојата екипа минатата сезона веќе беа дел од пионерската селекција, и она што мене ме израдува е што успеавме и без нив да формираме одлична екипа. Успешно функциониравме како тим, и имавме убави натпревари во лигата. Трениравме вредно и сложно. Тоа ми остави најголем впечаток од минатата сезона во лигата, во која се трудев да дадам максимум од себе и планирам така да продолжам и со Вардар. Првиот ракометен натпревар го одиграв пред 4 години како член на Ракометната академија Вардар, на првиот зимски турнир. Следната година се приклучив во првата сезона од Вардар Јуниор лигата и од тогаш редовно учествував во лигата", вели Јована.

Јана Равојска од Будимир Вардар се радува на поголемиот број натпревари кои ќе има можност да ги игра како дел од Вардар.

„Од основањето на Академијата редовно играв на натпреварите од зимскиот турнир. Организацијата на турнирите секогаш беше одлична. Можноста дека ќе играм поредовно многу ме радува. Ќе ми биде чест да се натпреварувам со новата екипа. Кога ми кажаа, просто не ми се веруваше дека успеав во нешто што многу го сакам. Имав мала надеж, но сега треба да се искористи шансата. Овие тренинзи се многу поразлични од тие што ги имавме во школата, појаки се и многу се квалитетни. Со секој нов тренинг сѐ повеќе го учам ракометот", вели Јана.

Пионерската селекција на Вардар е составена од девојки кои изминатите години ги гледавме на натпреварите од Вардар Јуниор лигата и на зимскиот турнир, што за своите членови ги организира Ракометната академија Вардар.
За да добијат повеќе искуство и да имаат повеќе натпревари пионерската екипа истовремено ќе игра и во кадетската лига.

среда, 29 август 2018 - 10:02