Последни 60 минути до заверка на пласманот на Ф4 во Будимпешта

Ракометарките на Вардар се на добар пат да бидат единствен тим што по петти пат ќе игра на Ф4 турнирот во лигата на шампионите. Остануваат уште 60 минути до потврда на тој успех, а реванш натпреварот против Митјиланд почнува со предност за Вардар. На првиот натпревар во Данска нашите девојки победија со 24-23.

Сега останува да се потврди квалитетот на тимот од кого сите очекуваат искачување на европскиот врв. Тоа лани за малку не ни успеа, а ова е последната шанса тоа да се направи.

Во тимот се свесни дека иако Вардар е фаворит воопшто нема да биде лесно да се стигне до Будимпешта. Тоа го покажа и првиот меч во Данска каде во текот на натпреварот домаќинките беа во водство користејќи ги сите шанси и казнувајжи ги сите наши грешки.

„Добро знаеме што е нашата задача на дуелот в сабота. Во Данска имавме катастрофално прво полувреме, но во вториот дел го спасивме мечот. Знаеме што не очекува. Добро е што победивме. Направивме анализа на првиот меч и подготвени сме за оваа средба. Мораме да бидеме далеку подобри доколку сакаме да направиме добар резултат. Работевме напорно и сите сме подготвени за она што ни претстои. Очекуваме добар резултат. Се подготвуваме на секој план, и тактички и психолошки. Нема потценување на противникот, изјави Дибирова.

Но, Вардар го поседува квалитетот за да игра на Ф4. Сега останува само потврдата. Тимот покажа карактер да игра дури и кога има негатива, да не се откаже во ниту една ситуација.

„Дојде и тој момент да го одиграме последниот меч за Вардар во СЦ „Јане Сандански" во овој состав. Верувам дека публиката ќе ги исполни трибините и дека ќе имаме голема поддршка на оваа средба. Сакаме на Ф4 турнирот за да го направиме оној чекор напред. Сакаме со победа да се збогуваме со натпреварите во Лигата на шампионите.

Со оглед на тоа што Вардар има победа против Митјиланд сите очекуваат и на овој дуел да има победа за Вардар, а особено поради тоа што ова е последен меч во ваков состав во Скопје. Свесни сме и за тоа дека нема да биде воопшто лесно. Веруваме дека ќе можеме со победа да се најдеме на фајнл-фор турнирот. Сигурно ќе има многу емоции, но мораме да го дадеме максимумот за да дојдеме до посакуваното учество во Будимпешта. Сепак, би сакала да играме на овој дуел пред полни трибини и да уживаме", изјави капитенот на вардарки, Јованка Радичевиќ.

Натпреварот Вардар - Митјиланд е закажан за в сабота во 17 часот во СЦ „Јане Сандански".
Билетите се продаваат преку www.ticketplus.mk и на билетарницата на СЦ „Јане Сандански"

четврток, 12 април 2018 - 12:57