Победничката низа на пионерките продолжи и против Металург

Продолжува беспрекорната сезона за најмладите ракометарки на Вардар. На два натпревари до крајот од групната фаза во пионерското првенство, избраничките на Анжела Платон остварија уште една победа со што го задржаа епитетот најдобри во својата група.

Паралелно истата екипа се натпреварува и во кадетска конкуренција и првиот натпревар од вториот дел од сезоната го играат в среда од 20 часот против Филип Вардар од Прилеп. Веќе в недела, на 21 април, во 10 часот во Форца играат против екипата на Алушовски.

На последниот натпревар, во СЦ "Јане Сандански" нашите пионерки беа подобри од екипата на Металург со 26 : 13 (12 : 5).
Разликата во квалитетот меѓу екипите стана очигледна уште на почетокот од натпреварот. Постепено, но сигурно вардарки создадоа предност која континуирано растеше и на пауза заминаа со позитива од седум гола. Тренерот Платон немаше потреба да искористи ниту еден тајм аут, давајќи шанса речиси на целата екипа да се запише на листата на стрелци. Во второто полувреме имавме низа од 6 гола, за 21 : 7, додека противникот не успеваше да се избори за шут. Победивме со двојно повеќе погодоци од гостите, 26 : 13.

Нашите девојки се првопласирани во првата група и атакуваат на шампионската титула во пионерската конкуренција. Од групната фаза следни на распоредот се натпреварите против Гостивар Вардар и Куманово.

вторник, 16 април 2019 - 10:52