Победа за младинките на Вардар јуниор

Уште една победа за Вардар јуниор на младинското првенство за жени на мечот против Кузман Вардар. На натпреварот од деветото коло во салата „Гоце Делчев" во Илинден, избраничките на Драгана Ристова ја победија Кузман Вардар со 33 – 19 (13 – 8).

Иако почетокот на мечот не ветуваше дека нашите ракометарки ќе го покажат најдоброто од себе, кога семафорот покажа 4 – 4, ја превземавме иницијативата. Ги искористивме минутите во кои противникот не успеваше да поентира за да создадеме предност од + 5 за резултат од 9 – 4. Брзо грабавме напред, наметнувајќи го својот стил на игра, што се покажа недофатлив за ривалот. Успешни во нападот, и докажани во одбраната, го држевме резултатот под контрола. На пауза заминавме со предност од 13 – 8.

Сепак, се покажа дека не сме го демонстрирале нашето најдобро. Со играта во второто полувреме, црвено - црните ги отстранија и оние недостатоците во одбраната од претходното полувреме, а и во напад покажавме поголема прецизност. Ги искористивме периодите во кои домаќинот немаше голови, и веќе кон половината на полувремето имавме предност од 12 гола за резултат од 25 – 13. Предност која ривалот се обиде во неколку наврати да ја намали, но до последните минути на натпреварот сепак имавме предност од 33 – 18. Последниот гол на мечот го постигна Кузман Вардар и си заминавме со резултат од 33 – 19.

Кузман Вардар – Вардар јуниор 19 – 33 (8 – 13)

Вардар јуниор: Симона Грујовска, Ивана Станчева, Ангела Гроздановска 2, Јана Арсовска 2, Ана Изабел Гонзалес 1, Јана Донева, Мирјана Петковска 4, Стефанија Софтовска 3, Магдалена Насковска 4, Ивана Џатевска, Ангела Костовиќ, Андреа Седлоска 5, Ана Марија Коларовска 3, Ива Јаковчевска 2, Марија Галевска 6, Катерина Дамјановска 1.

понеделник, 12 март 2018 - 00:28