Пионерките почнаа со победа на турнирот во Црна Гора

Најмладите ракометарки на Вардар учеството на турнирот во Црна Гора го почнаа со победа на првиот натпревар против екипата на Дубица од БиХ со 20 : 16 (13 : 6).

Избраничките на Анжела Платон и Марија Папуџиева одиграа сигурен натпревар, наметнувајќи се како фаворит на натпреварот уште во првите минути од мечот. Добро воиграните пионерките го наметнаа својот ритам на теренот, а тренерот Платон при тоа не искористи ниту еден тајмаут во текот на двете полувремиња, што ја покажува нашата надмоќ. Одбраната одлично функционираше и добро балансирана со нападот навести лесна победа, иако натпреварот не беше толку лесен. Грубата игра на противникот резултираше со шест досудени седмерци за нашите девојки, од кои вардарки реализираа 4.

Бојана Коцева беше избрана за најдобар играч на мечот. Таа заедно со нејзината сестра близначка Борјана Коцева и Мила Пешиќ постигнаа по 4 голови, додека на листата на стрелците се запишаа и Александра Коловска и Сара Стефаноска со по 2 гола, и Јана Равојска, Магдалена Тошевска, Ива Ангеловска, Наталија Максимовска со по 1 гол.

петок, 24 мај 2019 - 16:33