Пионерките на Вардар - шампиони на Македонија

Најмладите ракометарки на Вардар сезоната ја крунисаа со шампионската титула во пионерската конкуренција. Во финалето избраничките на Анжела Платон и Марија Папуџиева беа подобри од Стружанка со 20 : 18 (11 : 9), а вардарките Вероника Ѓорѓиевска, која е и најдобар голман на турнирот, средниот бек Бојана Коцева, која е и најдобар играч на турнирот, и левиот бек Сара Стефаноска се најдоа во Олстар тимот на Ф4 турнирот.

Нашите ракометарки целата сезона имаа беспрекорни резултати, завршувајќи го и регуларниот дел од натпреварите со максимален учинок. Искуството кое го собираат во натпреварите во кадетската конкуренција, го искористија да се наметнат како непобедливи меѓу врсничките во пионерската лига. Амбицијата да бидат меѓу најдобрите ги следи и против кадетките, каде по 14.коло се пласирани на втората позиција во група 2.

Црвено – црните турнирот го почнаа со полуфиналето против охридската екипа Сани 14 и победа од 26 : 14. Лесен триумф што ни обезбеди место во натпреварот за шампионската титула, каде не очекуваше Стружанка, која беше првопласирана во групата два по регуларниот дел од натпреварите.

Тимската игра ги одвои црвено – црните од противникот во финалето, кој имаше подобар старт на мечот. До ремито од 6 : 6, Стружанка имаа предност од неколку голови, кои вардарки лесно ја стопија и го превземаа водството. До крајот на полувремето имавме позитива од 2 гола за 11 : 9. Додека на листата на стрелците кај нас се запишаа повеќето од ракометарките, кај Стружанка нападот се сведе на три ракометарки кои заеднички ги постигнаа сите 18 голови на мечот. Противничките во второто полувреме се обидоа да се вратат во водство, но вардарки не попуштија. Одбраната заедно со најдобрата голманка на турнирот Ѓорѓиевска и успешно искомбинирани со ефикасниот напад ни ја донесе шампионската титула.

сабота, 11 мај 2019 - 21:18