Нов клупски рекорд на вардарки - најмногу победи по ред во ЛШ

Досегашниот клупски рекорд беше пет победи по ред, и тоа трипати досега во рамките на лигата на шампионите.

Вардар супериорно ја почна новата година со трумф на гости кај Будуќност, 31-28 (16-16) во првото коло од главната фаз аод ЛШ, најавувајќи дека и сезонава ќе биде еден од главните кандидати за пласман на Ф4 турнирот во Будимпешта.

Досега ниту една македонска екипа не победила во Подгорица кај Будуќност, а нашите девојки не само што го победија Будуќност, туку и врзаа три победи по ред против црногорскиот тим во ЛШ. Ова е шеста победа по ред сезонава во елитното ракометно натпреварување, вкупно 35 во ЛШ во 53 натпревар.

На табелата во Група 1 од главната фаза води Вардар со 9 бода, два повеќе од ФТЦ Будимпешта и три повеќе од Будуќност. Мец и Турингер имаат по 4 бода, а Астраханочка е последна без бодови.

Сега билансот на меѓусебните дуели меѓу Будуќност и Вардар е 4 триумфа на Црногорките, едно реми и три победи на Вардар. Нашите ракометарки поставија уште еден клупски рекорд, шест натпревари по ред со победи. Блиску се и до израмнување на рекордот од 9 меча без пораз што го остварија во сезоната 2013/2014.

Досегашниот клупски рекорд беше пет победи по ред, и тоа трипати досега во рамките на лигата на шампионите. Последен пат таква победничка серија имавме од 6 февруари 2016 до 2 април 2016 година. Почетокот на оваа сезона тргнавме со реми, против ФТЦ Будимпешта, а потоа имавме пет средби со триумф.

Сезонава вардарки поставија уште неколку клупски рекорди додека се натпреваруваа во групната фаза од ЛШ, и тоа на средбата со Лајпциг. Тој натпреварот во гости го доби Вардар со 45-22 (22-9), поставувајќи клупски рекорди, но и рекорди на ЕХФ во лигата на шампионите.

Еве кои рекорди ги постави Вардар сезонава:

Клупски рекорди:
* Вкупно 35 победа во лигата на шампионите
* Највисока победа во ЛШ
(45-22 против Лајпциг)
* Највисока победа на гостински терен во ЛШ (45-22 против Лајпциг)
* Шест меча по ред со победи во ЛШ

Рекорди во лига на шампиони:
* Втора највисока победа воопшто во ЛШ (Лајпциг - Вардар 22-45) -
највисоката ја има ФТЦ - Анагениси 42-16
* Највисока победа во гости во ЛШ (Лајпциг - Вардар 22-45)
- досегашниот рекорд беше Олчим Влчеа - Букстехудер 15-34

 

понеделник, 30 јануари 2017 - 13:41