Мец останува непријатен терен за вардарки

Вардар ќе игра во четврт-финалето на лигата на шампионите без оглед на поразот на гостувањето кај Мец во Франција од 22-24 (10-10). Во последните две кола, против Битигхајн на домашен терен и на гости кај Будуќност, на „црвено-црните" ќе им треба само една победа за да влеземе во Топ-8 како првопласирани од нашата група.

По серијата од девет натпревари без пораз нашите девојки првпат сезоната во било кое натпреварување загубија натпревар. Слабата игра во одбрана, но и добрата поставеност на противникот и нивната максимална концентрација во текот на целиот натпревар беше клуч за успехот на Французинките.

Тргнавме добро во натпреварот и веќе на самиот почеток имавме водство од 4-1. Домашните ракометарки успеаја да израмнат на 6-6 и 7-7 по што повторно следуваше период на наша добра игра и одново имавме „плус два" за водство 9-7. Кога домашните ракометарки добија минута одмор од сопствениот тренер и добија инструкции многу работи се сменија на теренот. Следуваше период на наша лоша игра и од позитива од два гола Мец поведе со 10-9. Во овој период Лакрабер промаши и пенал, а домашните го искористија и исклучувањето на Цвијиќ и постигнаа два гола со играч повеќе.

Израмнивме на 10-10 а имавме и неколку не реализирани шанси да го завршиме првото полувреме со водство. Одбраната беше послабиот дел, а Лејно во првото полувреме имаше пет одбранети топки. Во нападот делувавме недоволно сконцентрирани на она што треба да го одиграме и го бараше нашата клупа.

Вториот дел во најголем дел се играше рамноправно, гол за гол и дури во 50 минута првпат поведовме со два гола, 20-18. Изгледаше дека најдовме начин како да го скршиме отпорот на домашните ракометарки. Наместо да „избегаме" на позитива од три гола, ние направивме техничка грешка во нападот, и тоа како да беше мотив за Мец.
Стигна целосен пресврт од 4-0 и водство на домашните ракометарки од 22-20. Во самата завршница намаливме на 22-23, но сепак не успеавме да се одбраниме и Мец триумфираше со 24-22.

Во следното коло на 2 март во Скопје доаѓа Битигхајм.

 

недела, 25 февруари 2018 - 17:02