Мајса Песоа нов голман на Вардар

Нашиот тим од следната сезона ќе биде посилен за Мајса Песоа (31), бразилска голманка, која потпиша двегодишен договор со Вардар и ќе остане најмалку до јуни 2018 година.

Вардаровото семејство ќе добие нов член од лето, тоа е првата Бразилка во нашите редови, Мајса Ракел де Оливеира Песоа, репрезентативната голманка на оваа земја. Песоа ќе дојде токму од редовите на противникот на Вардар на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите, ЧСМ Букурешт.

Песоа има 31 година, во романскиот првак настапува од 2014 година, а откако е дојдена од Бразил во Европа, во 2011 година, настапуваше и за Иси од Париз и за Динамо од Волгоград. Стануваше шампион на Романија и на Русија, а нејзин далеку најголем успех во кариерата е светското злато со репреззентацијата на Бразил, освоено во 2013 година.

Со задоволство можам да потврдам дека од следната сезона голот на Вардар ќе биде уште посигурен со доаѓањето на Мајса Песоа. Нашиот голмански тандем и онака е еден од препознатливите белези на Вардар во Европа, а со Песоа сигурни сме дека ќе добиеме на квалитет и на цврстина во нашата одбрана. Таа е една искусна голманка со големо меѓународно искуство, кое претставува одлична препорака за нејзините способности и затоа Вардар е среќен што во своите редови носи голманка која би ја посакал секој тим во Европа", изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.

Tаа изјави дека со задоволство го очекува стартот на новата авантура и дека ќе даде сѐ од себе да ја освои Лигата на шампионите со Вардар.

„Имам добро чувство за Вардар, можам да почувствувам дека правам вистински потег. Тимот е одличен, со фантастични играчи кои се борат да го освојат пехарот во Лигата на шампионите. Ова е нов предизвик за мене и за мојата кариера, нова авантура која многу ја сакам. Ме тера да се борам повеќе, да работам повеќе и да дадам сѐ од себе", изјави Песоа.

Таа ќе има богато лето, бидејќи со бразилската репрезентација ќе учествува на Олимписките игри во Рио, а веднаш по нив, во август, ќе му се приклучи на Вардар во подготовките за новата сезона.

име: Мајса Ракел де Оливеира Песоа
датум на раѓање: 11.09.1984
висина: 180 см.
позиција: голман
прекар: Тафарел

Kлупска кариера
-2011 Колеџ Лурдинас
2011-2012 Иси Париз
2012-2014 Динамо Волгоград
2014-2016 ЧСМ Букурешт

Постигнувања - клуб:
Романија:
Првак - 2015 (ЧСМ Букурешт), Куп финалист - 2015 (ЧСМ Букурешт)
Русија:
Првак - 2013, 2014 (Динамо Волгоград)
Франција:
Вицепрвак - 2012 (Иси Парис)

Репрезентација:
СП 2013 - злато
Пан американски игри 2013 - злато
Пан американски игри 2015 - злато
Светски игри 2005 - злато
Индвидуални награди:
* Ол стар голман на Пан американските игри во 2013
* МВП на „Трофеј на Букурешт 2014"
* Голман на турнирот „Трофеј на Букурешт 2015"

 

петок, 22 април 2016 - 12:00