Конечно финале!

Во четвртиот обид, Вардар стигна до првото финале во лигата на шампионите. Нашите девојки уште на првиот меч во Будимпешта во полуфиналето на Ф4 турнирот покажаа зрелост и квалитет што им донесе триумф од 38-33 (21-13) над ЧСМ Букурешт.

Актуелниот европски првак доби ракометна лекција во полуфинале, и реванш за лани кога Романките нѐ елиминираа исто така во полуфиналето. Вардар не му дозволи во ниту еден момент на противникот да се понадева дека може да ги сруши нашите планови за пласман во финалето. Игравме зрело, мудро, моќно.....Сѐ што стори ЧСМ Букурешт не успеа, едноставно, Вардар играше перфектно и сѐ што имаше како замисла го реализираше.

Го оправдавме епитетот на најпрецизен тим во групната фаза, и тоа уште на полувреме со 21 постигнат гол, а на крајот броевме до 38.

Во второто полувреме, дури и кога поради наметнатото темпо резултатот се намали на „само 6", немаше дилеми и секогаш имавме идеја како да постигнеме гол. Кога противникот внимаваше на Пенезиќ, тогаш играше Лакрабер, а немаа решение ниту за Радичевиќ, Човиќ...

Вардар во полуфиналето влезе со вообичаениот состав, со три голмани, а без Марија Петровиќ и Дијана Илина. Ова е составот што во текот на сезоната најмногу им беше на располагање на тренерите на „црвено-црните".

Имавме почеток каков што посакувавме. Поведовме со 5-1 и после 6 минути играње го принудивме ривалот да бара тајмаут со цел нешто да смени. Но, одбраната на Вардар делуваше концентрирано, а нападот извонреден, па само продолжи нашата добра игра, а четирите голови предност ги зголемивме на „плус 6" во 15 минута, кога водевме со 12-6.

Она што одбраната не можеше да го спречи, мораше да направи фаул за пенал, а меѓу стативите стоеше Ина Суслина, која за две минути одбрани два пенала по ред, прво на Гулден, а потоа и на Мартин. Во тие моменти Вардар веќе имаше шест гола предност. Дека нападот делуваше речиси беспрекорно покажува и фактот што имаше процент на успешност од 72 отсто. А одбраната исто така имаше над 50 отсто одбрани, што беше еден од клучевите за нашето водство.

Следуваше нова гол серија на вардарки, и од 19 минута до 25 минута ја направивме и највисоката предност, 20-9. ЧСМ Букурешт делуваше демолирано, вардарки прецизни и дисциплинирани. Темпото што го наметнавме беше тешко за следење, па мораше и да имаме доста ротации во играта. Но, и оние што влегуваа во игра имаа шанса да продолжат со исто темпо. Нашата добра игра малку ја наруши серијата на Романките кои потоа постигнаа неколку голови во серија, па намалија на 20-12, но до крајот на полувремето го задржавме водството од осум голови, за предност 21-13.

Пред да заминат на пауза, во последниот напад на ЧСМ Букурешт, додека Кармен Мартин трчаше во контра, Татјана Хмироа обидувајќи се да ја прекине акцијата со ногата ненамерно ја удри, а судиите откако ја прегледаа снимката, на Хмирова и покажаа црвен картон.

Во утрешното финале од 17,45 Вардар ќе игра со Ѓер.

* Статистика од натпреварот - statistika_polufinale_vardar_-_chsm_bukuresht.pdf

Фото: Денис Дуковски

сабота, 6 мај 2017 - 19:22