Кастратовиќ: Комплетни сме за да го постигнеме она што го сакаме

По три сезони играње на Ф4 турнирот во европската лига на шампионите ракометарките на Вардар се единствени што го задржаа континуитетот, и освоија трипати медал. Бронзен, но сепак е медал. Ни недостасуваше нешто да го направиме чекорот што е потребен да стигнеме до посакуваното финале, па и да се бориме за европската титула

Во меѓувреме „скршивме" некои „малери" па успеавме сезонава дури двапати да го победиме тимот на Будуќност, но и двапати да го победиме европскиот првак ЧСМ Букурешт. Јованка Радичевиќ беше избрана во идеалниот тим на лигата на шампионките. Сето ова заедно со серијата од пет победи по ред ќе останат само за во историјата, исто како и триумфите против нашите ривали. Се врти нов лист и се почнува од „нула". Сите ривали ќе ги респектираме, а ќе даваме максимум на секој меч за да ја постигнеме целта.

Сезонава македонскиот првак повторно тргнува во нова „ракометна авантура", засилен со нови ракометарки, и со старите амбиции. Пласман на Ф4 турнирот е првата цел, па и напад на европската круна. Тимот денеска ја имаше прозивката. Се појавија само оние што немаат репрезентативни обврски. Шест ракометарки ќе играат на Олимпијадата во Рио, за четири различни држави. Јованка Радичевиќ и Андреа Кликовац за Црна Гора, Камила Херем за Норвешка, Мајса Песоа за Бразил и Амандин Лејно и Александра Лакрабере за Франција.

Тренерот Индира Кастратовиќ ќе треба да ги „скоцка" сите редови за да може да ја добие победничката комбинација. Зад себе има финале и титула во ЛШ како играч, а сега и нова ра можност истото да го направи како тренер.

Во некомплетен состав почнуваат подготовките за новата сезона. За вистинската слика на екипата ќе треба да почекаме уште некоја седмица кога ќе се комплетираме. Сметаш ли дека сега тимот ги има сите потребни адути за да ја реализира „најуспешната сезона".

„ Ќе имаме комплетна слика околу тимот на 29 август бидејќи тогаш сите девојки треба да бидат на тренинг и да се вратат од настапите на своите репрезентации на Олимпијадата во Рио. Годинава е клучна за сите нас, и сме комплетни за да го постигнеме она што го сакаме, не само ние како тим туку и целата држава, а тоа е да влеземе во финале и да ја освоиме европската круна, вели Индира Кастратовиќ.

Ќе биде ли проблем тоа што дел од ракометарките ќе се вратат од Олимпијадата во полна физичка подготвеност, а другите допрва ќе ја темпираат формата?

„ Мислам дека нема да биде проблем што некои девојки ќе дојдат подобро физички подготвени. Имаме долг период за постигање на посакуваната форма и играчки и ментално, до средината на октомври кога почнуваат натпреварите од ЛШ, па ќе можеме да ја темпираме формата. Сите екипи сезонава го имаат тој проблем, и верувам дека ние тоа ќе го надминеме лесно.

Она што беше најголем хендикеп во минатото, недоволниот број на квалитетни натпревари со силни ривали и сега ќе биде голем проблем. Како ќе се справуваме со тоа?

„ Проблем е да имаме силни натпревари и во континуитет. И сезонава ќе се обидеме да одиграме повеќе натпревари. Да поканиме некои екипи кај нас, да одиме ние на гости кај некои екипи. Имаме слабо домашно првенство, но и во блиската околина немаме доволно силни ривали. Еве на 3 и 4 септември во Скопје ќе гостува Ларвик и ќе одиграме два натпревари. Не е многу, но ќе можеме да видиме до каде сме со формата. На крај на септември ќе играме повторно со некоја екипа. Бараме начини да имаме повеќе натпревари и постојат доста предлози како тоа да го надминеме. И други екипи од соседството го имаат истиот проблем, па можеби заеднички нешто ќе превземеме.

Од кого очекуваш најмногу во екипата?

„ Очекувам од сите подеднакво, имаме сега перфектен квалитет на играчи. Тимот победува, и тоа е најважното. Нема да издвојувам поединци, зашто секој може да има свој ден, а најважно е да се даде придонесе за тимскиот успех. Тој е најважен за нас.

После олимпијадата во Рио ќе има мал период за воигрување. Па во декември ќе се одржи ЕП во Шведска. Ќе може ли да се одржи високото ниво на играње со толку интернационалци кои истовремено ќе бидат дел од своите национални репрезентации.

„ Не сме единствен клуб што има интернационалци во своите редови, Правиме планови и најважно е да нема повреди и да темпираме високо ниво на играње, и оваа година ќе се обидеме после декември да одиграме како што очекуваме, вели Кастратовиќ.

Вардар во лигата на шампионите ќе тргне како лидер во групата, а за ривали ќе ги има екипите на Астраханочка (Русија), ФТЦ Унгарија (Будимпешта) и квалификант. Во квалификациите играат Бера Бера (Шпанија), Хипо (Австрија) и Гомељ (Белорусија).

 

четврток, 4 август 2016 - 11:08