Историјата се повторува: Вардар против ЧСМ Букурешт во полуфиналето на ЛШ

Противник на Вардар во полуфиналето на лигата на шампионите ќе биде екипата на ЧСМ Букурешт. Ждрепката сакаше да го добиеме истиот ривал од лани, а Романките се и актуелни европски прваци. Во второто полуфинале од ЛШ ќе играат Будуќност и Ѓер.

Натпреварите од полуфиналето на ЛШ се закажани за 6 мај во Будимпешта. Дополнително ќе се утврди саатницата на полуфиналните натпревари, однапред утврдени термини се 15 часот и 17,45.

Лани во полуфиналето на ЛШ, романскиот првак победи со 27-21, а потоа во финалето го изненади и Ѓер. Ние го освоивме бронзениот медал, по третпат во низа на Ф4 турнирите.
Во меѓусебните дуели со ЧСМ ние имаме позитивен биланс, од 3 натпревари на 2 победуваше Вардар, и тоа во 2016 година во рамките од главната фаза.

Во четврт-финалето на ЛШ, Романките победија на двете средби со ФТЦ Будимпешта, иако во главната фаза беа третопласирани во својата група, зад Ѓер и Ларвик.

Нашите девојки и стручниот штаб сметата дека треба да се фокусираме на сопствената игра, и да не размислуваме за противникот.

Ирина Дибирова - тренер на Вардар
„На Ф4 турнирот нема слаби екипи, треба да се фокусираме на нашите грешки да ги исправиме. Не се радуваме ниту тагуваме за екипата што ја добивме на ждрепката"

Аце Станковски - помошник тренер на Вардар
„ Ова ќе биде мој прв Ф4, се надевам дека ќе биде поуспешен од претходните. Што се однесува до ЧСМ Букурешт, исто како лани, не треба да се залажуваме, тие не се послаба екипа од сите други на Ф4. Последниот месец формата им оди во нагорна линија, така што треба многу да ја анализираме нивната игра, да ги исправиме некои грешки, што ни се случуваа нас во минатиот период, со една добра тактичка подготвеност, можеме да ја поминеме оваа пречка и да се пласираме во едно големо финале што сите во Македонија го очекуваме.

Амандин Лејно - играч на Вардар
„Не би знаелеа што повеќе да кажам. Секој тим на Ф4 е многу силен. Секој натпревар е нова приказна, Лани играме и сега повторно ривал ни е ЧСМ Букурешт. Ние сакаме да одиме таму и да се бориме. Да покажеме силен карактер, ќе биде тежок наптревар, како на секој Ф4, сакам само да одиме таму, да уживаме во играта. Се надевам дека кончено ќе се пласираме во финалето. Се боревме за ова многу секој ден, ќе тренираме уште повеќе, ќе се подготвиме за овој дуел. Се надевам дека со малку среќа ќе се пласираме во финалето.

Сара Ристовска - играч на Вардар
„Навистина ми е драго што повторно ќе бидеме дел од Ф4. Мислам дека ова е само една пречка од 60 минути, што цела година работиме, се мачиме и на крај доаѓаме до Ф4, тоа го посакуваме долго време. Како што кажа Лејно, премногу го посакуваме тоа финале, секако дека мораме да ги одиграме во полуфиналето. Мораме многу добро да се подготвиме за да дојдеме до посакуваното. Полуфиналето е само еден натпревар. Се надевам дека се ќе биде во најдобар ред, дека ќе бидеме сите без повреди до 6 мај и дека ќе одиграме како што посакувате сите и како што очекувате од нас.

 

вторник, 18 април 2017 - 14:55