Игра за „десетка“ и победа со „тринаесетка“ во Будимпешта

Вардар повторно ја покажа својата сила и надмоќ, и на гостински терен му одржа лекција на ФТЦ, победувајќи го со 37-24 во 5. коло од Б групата на лигата на шампоните. Нашиот тим е на првото место на табелата и во следната фаза ќе пренесе три бода од меѓусебните дуели со ФТЦ.

Андреа Пенезиќ доби одличен роденденски подарок, победа на нејзиниот тим, и тоа не обична, туку убедлива, и со надмоќна игра за потврда на првото место на табелата. Игравме и без Ања Алтхаус која има болки во грбот, па ја немаше во составот, но тоа и не се почувствува во играта.

По вторпат сезонава вардарки како гостински одиграа одлично, а овојпат во нашиот состав функционираше речиси се беспрекорно. ФТЦ се понадева по она реми на првиот натпревар дека ќе може да ја повтори играта и во Будимпешта да се радува на победа. Но, веќе по три минути играње кога Вардар поведе со 3-1 на многумина им стана јасно дека бодовите ќе заминат во Скопје.

Домаќинките успеаја да намалат на 3-4 во 9 минута, а потоа следуваше „ураганот Вардар". За десет минути направивме серија од 10-1 и поведовме со 14-4, во 19 минута. Немаше решение за нашата одлична одбрана, лесна игра во полуконтра и контра, за одличното покривање на противничките играчи. Унгарките веќе беа демотивирани, знаејќи дека десет гола разлика во вакви натпревари тешко се надополнуваат. Намалија на „минус 9" на полувреме, а потоа и на „минус 7" на почетокот на второто полувреме (14-21).

Но, тоа беше се што можеше да стори домаќинот. Вардар играше одлично, не дозволи да му „удри в глава" овој висок резултат, па го држеше резултат на позитива од 9-10 гола. Последните десет минути беа со нова доминација на Вардар, и лесно се надмина границата од 10 гола, па мечот го завршивме со преднос од 37-24.

Во последното коло Вардар гостува во Германија кај Лајпциг на 19 ноември.

ФТЦ - Вардар 24-37 (12-21)
ФТЦ: Сарка 3, Шацл 2, Сучански 2, Секереш, Сикора, Месарош, Биро, Лукаш, Снелдер 4, Пена 4, Мод, Монори, Фалувеги 1, Јовановиќ 4, Ковачич 1, Хорњак 3.

ВАРДАР: Радичевиќ 6, Кликовац, Херем 2, Мавсар 6, Дамњановиќ 1, Лејно, Лазовиќ 3, Илина, Пенезиќ 4, Човиќ 3, Лакрабер 4, Хмирова 1, Лекиќ 7, Песоа, Ристовска

 

недела, 13 ноември 2016 - 17:10