Хипо „згазен“ за 14 минути

Во натпревар кој не решаваше ништо околу пласманот во следната фаза во Лигата на шампионките, туку пред се беше престиж, нашите ракометарки го победија Хипо со 37-25 (15-14).

Повеќекратниот европски првак беше „скршен" во второто полувреме кога Вардар имаше серија од 12-1 во периодот од 37. до 51. минута. Тоа беше клучниот период на натпреварот каде беше решен победникот.

Со новите два бода, Вардар сега има вкупно 8, но во Главната фаза од ЛШ ќе пренесе само 4, оние од победите над Митјиланд. Натпреварите од Главната фаза ќе почнат во јануари следната година, и ќе се играат уште шест кола, со екипите на Будуќност, ЦСМ Букурешт и Савехоф.

До таа клучна 37 минута од натпреварот кога „целосно се разбудија" домашните ракометарки, екипата на Хипо искористи неколку грешки па дури успеа и да поведе со 17-19. Потоа дојдоа двете исклучувања кај гостите, на Ковач и Дедиќ, што нашите ракометарк успеаја да го валоризираат со три голоа по ред. При резултат 20-19 Амандин Лејно имаше серија од три одбранети удари, со што уште повеќе ги деморализираше гостинките, а на своите соиграчи им донесе сигурност. Андреа Лекиќ и Андреа Пенезиќ во тој период постигнаа по три гола, за водство 23-19, пред да им дозволат на Австријките да реализираат еден напад. Потоа следуваше уште една серија од 6-0, и водство 29-20 (51 минута).
Во 54 минута преку Утана Грбиќ првпат ја минавме границата од „плус 10", и до крајот на мечот таа разлика остана на „плус 12".

Иако натпреварот го почнавме без неколку ракометарки, Сања Дамњановиќ, Сара Ристовска, Андреа Човиќ и Ања Алтхаус, фавористката улога беше на наша страна. Сите кои настапија успеаја да постигнат голови.

Без притисок во играта и со промени во составот каде на пикерската позиција играше Јованка Радичевиќ, вардарки откако не ги реализираа првите три напади му дозволија на Хипо да поведе со 0-1. Тоа беше и единственото водство во првите 30 минути.
Вардар го имаше водството, но не можеше да се одлепи резултатски туку предност што ја имавме беше со максимални три гола, и тоа во неколку наврати. Ако се броеа погодените стативи тогаш ние ќе бевме секако победници. Само во првото полувреме четирипати ги погодувавме стативата и директот на голот на Хипо, од вкупно девет на целиот натпревар.

Нашиот ривал не се предаваше па секогаш наоѓаше начин да ги реализира шансите во нападот. Упорноста им се исплатеше, па во 10. и 13. минута го израмнија резултатот на 5-5 и 6-6. Тогаш почна нашата иницијатива и три минути подоцна имавме водство од 9-6. Хипо не дозволи уште повеќе да „избегаме", односно и ние имавме грешки во нападот. Во 23 минута преку Олга Черноиваненко поведовме со 14-11 кога се најавуваше солидно водство. Сепак, на полувреме имавме само гол позитива, но, квалитетот секако беше на наша страна и прашање на време кога ќе „експлодираат" нашите ракометарки.

Вардар - Хипо 37-25 (15-14)

Вардар: Петковска, Лејно (16 одбрани), Суслина (1 одбрана), Радичевиќ 4, Кликовац 1, Лазовиќ 1, Дембеле 3, Сокач 2, Пенезиќ 6, Черноиваненко 4, Ихнева 2, Хмирова 2, Лекиќ 9, Грбиќ 3.

Хипо: Турнер 6, Горичанец 5, Дедиќ 3, Тотова 3, Маулер 3, Кајзер 2, Ковач 2, Кис 1..

 

сабота, 21 ноември 2015 - 19:27