Европскиот првак на колена пред Вардар

Она што досега изгледаше како тешка мисија, сега стана реалност, Вардар го победи Будуќност, актуелниот европски првак, со 26-24 и го зациментира најмалку третото место во групата, но и реално ни отвори можност да го нападне второто место.

Малерот е скршен - Будуќност е победен. Екипата која досега ни претставуваше пречка пред која немавме решение, сега мораше да признае дека е победена. Вардар врза три победи во серија во Лигата на шампионите, и ќе биде најмалку трето на крајот од групната фаза. Но, ни се отвора можност да завршиме и како втори, што ќе зависи од нас, но и од средбата меѓу ЦСМ Букурешт и Ѓер.

Барем резултатски му се раванширавме на Будуќност кој на почетокот на годинава триумфираше на домашен терен. Бевме докрај трпеливи, мотивирани, борбени. Тоа ни донесе резултат, кој долго го чекавме и сега ќе ни овозможи дополнителна сила за следните преидзвици.

Голманката Амандин Лејно беше нашиот јунак на натпреварот со 19 одбрани. Умеше да сопре многу противнички топки, да скроти многу удари на кои гостите потскокнуваа. Им даваше крила на ракометарките во напад, и волја да се издржи иако во добар дел од средбата моравме да „бркаме разлика".

На моменти прифативме брза игра што на противникот му одговараше. Од почетното водство 4-2, потоа имавме рамнотежа и повремено водство, а на полувреме имавме реми, 11-11. Бевме фокусирани на крајната цел, победа, и затоа никогаш не се предававме, не се обесхрабрувавме. Сите дишевме како еден, со една цел, да се победи. Трпеливи бевме во секој напад, не се разочарувавме на грешките, се бодревме на погодоците и добрите акции.

Одбраната секогаш го добива натпреварот, а така беше и овојпат. Го „затворивме" Будуќност и осум минути не постигна гол, од 50 до 58 минута, период во кој направивме пресврт и од резултат 20-22 добивме предност 25-22. Речиси беше се решено, иако Раичевиќ намали на 25-23 оставајќи надеж за можен пресврт. Вардар пак имаше долг и трпелив напад, па кога Алтхаус го постигна својот втор гол на мечот, а 26 за Вардар почна слајвето на трибините. Го дочекавме денот кога европскиот првак „падна".

Вардар - Будуќност 26-24 (11-11)
Вардар: Суслина, Лејно, Радичевиќ 4, Кликовац 1, Дамњановиќ 1, Лазовиќ 6, Дембеле 2, Сокач 1, Алтхаус 2, Пенезиќ 5, Черноиваненко, Човиќ 1, Ихнева 1, Лекиќ 1, Ристовска 1, Грбиќ
Будуќност: Плетикосиќ, И.Павичевиќ, Неагу 3, Јауковиќ 1, Чаловиќ, Ненезиќ, Ирман 2, Ковачевиќ, Булатовиќ 6, Ждериќ, Рамусовиќ, Цвијиќ 3, Мехмедовиќ 4, Б.Павичевиќ, Ачрук 1, Раичевиќ 4.

 

недела, 21 февруари 2016 - 19:38