Двоцифрена победа за вардарки на плејофот

Младите ракометарки на Вардар на гостински терен во натпревар од плејоф лигата ја победија екипата на Стружанка со 34 : 24 (19 : 8).

Црвено - црните на натпреварот во Струга тргнаа решително и веќе до петтата минута имаа предност од 4 : 0. Разлика која ја одржувавме до тринаесеттата минута, кога почнавме постепено да го зголемуваме и водството до 11 гола предност. На пауза заминавме со 19 : 8. Најголемата предност што избраничките на Симе Симовски и Александар Царчев имаа на натпреварот беше во второто полувреме, и тоа +13 гола. Покрај успешниот напад, одлично се постави и одбраната, одбивајќи ги нападите од домаќините.

Нашата Ивона Трпевска постигна најмногу, 11 голови на мечот, додека голманките Симона Грујовска имаше 11 одбрани, а Андреа Илиќ – 5 одбрани. На листата на стрелците се запишаа и Стефанија Ѓеоргиевска и Андреа Седлоска со по 6 голови, Милица Николиќ со 3 голови, Ана Марија Коларовска со 2 гола, како и Ангела Гроздановска, Ангела Костовиќ, Сара Миновска, Мирјана Петковска, Теодора Стаменкова, Катерина Дамјановска со по 1 гол.

Ова е прва победа на младата вардарова екипа откако во претходните мечови против Куманово и Металург остана без бодови.

Во четвртото коло од плејоф лигата Вардар ќе одмора, по што ќе следи натпревар со екипата на Пелистер.
Во борбата за титулата учествуваат пет екипи и соодветно ќе се одиграат десет кола. Во плеј-офот, што треба да заврши на 25/26 мај играат Пелистер, Металург, Куманово, Стружанка и Вардар.

Стружанка – ВАРДАР 24 : 34 (8 : 19)

сабота, 6 април 2019 - 19:52