Дибирова: Сега можеме да се фокусираме на Будимпешта

Ракометарките на Вардар по петти пат се пласираа на завршниот турнир во лигата на шампионите откако со 32-25 го победија Митјиланд во реванш четвртфиналниот натпревар. „Црвено-црните" се единствен тим што успеал да стигне до завршниот турнир пет сезони по ред, и сега сите очекуваат конечно да се освои и титулата.

Мечот во Скопје беше последен за оваа генерациија на Вардар, па затоа и публиката со громогласен и повеќе минутен аплауз ги поздрави ракометарките. Имаше и солзи, прегратки, емоции..
Слично беше и на прес - конференцијата по натпреварот.

„Денешниот натпревар беше со големи емоции. Ракометарките сакаа да ги израдуваат фановите. Во првото полувреме единствената ракометарка која ни направи проблеми беше Вероника Кристијансен. Знаевме дека мораме да се пласираме на фајнл-фор. Го чекавме овој натпревар и ова четврт-финале. Горда сум на моите ракометарки и сега можеме да се фокусираме на натпреварите во Будимпешта, изјави Ирина Дибирова, тренерот на Вардар.

Андреа Лекиќ постигна седум гола за Вардар и беше најпрецизна ракометарка.
„Посебен меч за нас. Мислам дека Митјиланд одигра добро во првиот меч и тука на стартот од средбата. Ќе биде навистина тешко во следната година. Ќе ни недостига и салата, и клубот и градот. Се навикнавме на овој живот овде. Ќе имаме голем мотив и желба во Будимпешта и ќе се потрудиме да направиме одличен завршен турнир во Лигата на шампионите, изјави Андреа Лекиќ.

Во вторник е ждрепката за полуфиналните групи од ЛШ.

сабота, 14 април 2018 - 19:36