Цвијиќ: Да работиме на надградба и да продолжиме да „газиме“

Вардарки само што ги почнаа подготовките за пролетниот дел од сезоната и веќе за една седмица ќе го имаат и првиот тест, настапот на третиот турнир од регионалната ВРХЛ лига.

Претходните два турнири ги завршивме со победи на сите натпревари, а она што според нашите девојки е клучно е што турнирот ќе ни даде шанса да се воиграме пред почетокот на Главната фаза од лигата на шампионите.

На турнирот во Скопје од 19 до 21 јануари ќе играме со Будуќност и Крим. Потоа ќе имаме време уште една седмица пред да играме со Мец на првиот меч од Главната фаза од лигата на шампионите. За пикерот Драгана Цвијиќ рано е да се прогнозира како ќе тече остатокот од сезоната, туку треба да се оди чекор по чекор, натпревар по натпревар, а почнуваме со два добри противника.

„Пред нас се два натпревара од регионалната лига. Секогаш играме за победа, но овие натревари многу ќе ни значат зашто се два контролни натпревара пред Мец. Имаме два добри противника, и тоа е добро за целата екипа. И за мене и за целата екипа желбата е да се освои титулата. Но треба да се оди чекор по чекор. Не треба сега на тоа да гледаме и да размислуваме за фајнлфор, полуфинале или финале. Имаме уште 5 месеци до таму, и сега треба да го надградиме она што го работевме во првиот дел од сезоната и да продолжиме силно да газиме", вели пикерот Драгана Цвијиќ.

Мечевите од регионалната ВРХЛ лига, се закажани за 19, 20 и 21 јануари во СЦ „Јане Сандански". На 19 јануари во 17 часот играат Вардар и Будуќност, следниот ден, на 20 јануари се среќаваат Будуќност и Крим, а на 21 јануари играат Крим и Вардар.

среда, 10 јануари 2018 - 11:03