Будуќност подобар од Вардар во Подгорица

Ракометарките на Вардар доживеаа пораз попладнево во Подгорица од Будуќност со 19-31 во второто коло во главната групна фаза во Лигата на шампионките.

Нашите ракометарки го забележаа првиот пораз во новата група во елитната рунда, па Будуќност денеска беше подобар противник. Во 5-та минута Вардар имаше водство со 2-1, но следеше серија од 7-0 на Будуќност за предност од 8-2, која во 20-та минута беше преполовена на три голови негатива (6-9), но следеше нова серија на домаќинот за високо 16-8 на полувремето.

Одлично почна Вардар во вториот дел, па одговори со серија од 5-0 на највисоката предност на Будуќност на стартот на второто полувреме, за да се врати во мечот со четири гола негатива (13-17). Будуќност успеа да ја одржи оваа разлика, која последен пат, вардарки ја достигнаа во 48-та минута од мечот (19-23) и да не дозволи да се резултатски да се приближиме, па во завршницата со неколку брзи голови, домаќинот стигна до својата прва победа во оваа група.

Маја Сокач со пет голови беше наш најефикасен играч, Андреа Кликовац даде четири, а Андреа Пенезиќ погоди трипати. Кај Будуќност Драгана Цвијиќ постигна седум, Катарина Булатовиќ шест, а Кристина Неагу пет.

Сала „Морача“ во Подгорица. Судии: Шарлот Бонавентура и Жули Бонавентура (Франција). Делегат: Томо Водопивец (Словенија).

Будуќност: Плетикосиќ, И. Павиќевиќ, Неагу 5, Јауковиќ 3, Ненезиќ, Ирман 2, Ковачевиќ, Маловиќ 1, Булатовиќ 6, Ждериќ, Рамусовиќ, Цвијиќ 7, Мехмедовиќ 2, Б. Павиќевиќ 2, Ачрук, Раичевиќ 3. Тренер: Драган Аџиќ.

Вардар: Суслина, Лејно, Петковска, Радичевиќ 1, Кликовац 4, Дамњановиќ 2, Лазовиќ, Дембеле 2, Сокач 5, Алтхаус, Пенезиќ 3, Черноиваненко, Лекиќ 2, Ристовска, Грбиќ. Тренер: Индира Кастратовиќ

 

недела, 17 јануари 2016 - 17:51